| четврток, 6 декември 2018 |

Хан: Западен Балкан не смее да стане жртва на проблемот на ЕУ со бегалците

han vo gevgelija (2)
Еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан побара од сите земји-членки на Европската унија да не ги препраќаат бегалците и изрази загриженост дека земјите од Западен Балкан, вклучително и Македонија, може да станат жртви на, како што тој истакна, „проблемот на ЕУ”.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Хан по средбата со косовскиот министер за евроинтеграции Бесим Чолаку, напомена дека тој како прв човек за проширување на Унијата, апсолутно не сака овој проблем со бегалците да го платат земјите од Западниот Балкан.

– Она што е важно и што сакам да го кажам е дека земјите-членки на ЕУ, сите 28 на број, мора да ја преземат одговорноста, да преземат фер удел и да не ги препраќаат бегалците на други. Ова е наш проблем, посочи Хан во неговата изјава за проблемот со бегалците, што пред се го имаат Србија и Македонија.

Хан додаде дека земјите од Западниот Балкан се држави на европскиот континент, но дека ЕУ пред се мора да најде внатрешно решение.

– Не сум борец за тоа ние да препраќаме нешто или да ги префрламе луѓето. Сега е наша задача и јас како одговорен за нашето соседство и за земјите од проширувањето навистина се грижам за нив со цел тие да не станат жртви на нашиот проблем. Во однос на тоа, овие земји се жртви на потоците на бегалци, но не смее за тоа цената да ја плати Западниот Балкан и тоа сакам да им биде јасно на сите, дециден е Хан.

Тој исто така додаде дека Унијата се соочува со предизвици на Балканот, но дека „она што мора да се превенира е работите да стануваат се повеќе ненасочени“, алудирајќи на тоа што некои земји од ЕУ, како Грција, неконтролирано ги пропуша бегалци од Блискиот Исток и Африка во Македонија.

– Кога станува збор за целокупната ситуација, ние едноставно денеска имаме министерски состанок на Советот на ЕУ, што се надевам дека ќе има сериозен резултата, истакна Хан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top