| четврток, 6 декември 2018 |

Kарлос Флорес Хубериjас: Македонија се претставува како лошо момче за бегалците, а всушност, тоа е Грција

karlos flores hubeirasВо ситуација кога eмигрантите напуштаат една земја-членка на ЕУ како Грција, а веќе се на безбедно, значи животот не им е загрозен, и сакаат да излезат и да одат во друга земја-членка на ЕУ, a притоа во средината на патот е Македонија. Kако е можно земјата сама да мора да се соочува со нив, кога тие не се нејзин проблем? Ова, според шпанскиот професор по уставно право на Универзитетот во Валенсија и почесен конзул на Македонија во Шпанија, Kарлос Флорес Хуберијас, освен што е голем проблем со кој е соочена земјава, е и причина зошто, како што вели, е неправедно критикувана од западните медиуми и политичари.

Во интервју за „Дневник“ зборува токму за кривата слика за Македонија што ја пласираат шпанските медиуми, за вината на ЕУ, но и за стоењето настрана на САД во целата бегалска приказна.

Европа ја загуби контролата врз бегалската криза. Во кој момент се случи тоа?

– Европа ја изгуби контролата во моментот кога стана свесна и се сконцентрира само на решавање на последиците од бегалската криза, не адресирајќи ги причините што во суштина доведоа до неа. Сега последиците се како да се справиме со десетици илјади бегалци што секојдневно се прелеваат од Сирија кон северните делови од Европа, а причините се војната во Сирија и тоа што ја создаде. Не е првпат. Европа, односно Европската унија, често ја прави истата грешка – се концентрира на последиците заборавајќи ги причинителите.

Македонија не е цел на сириските бегалци, некои од нив првпат слушнале за неа на граничниот премин. Зошто тогаш толкава негативна кампања против неа и нејзиниот начин на соочување со бегалците? Западот на овој начин ги прикрива своите грешки или…?

– Има логика оваа приказна. Но сакам да појаснам друго. Пред неколку недели кога ситуацијата во Македонија беше најтешка, шпанскиот печат изобилуваше со наслови дека македонската полиција тепа бегалци и не им дава да влезат, дека умираат додека пешачат по пругите, итн. Kако почесен конзул добив многу прашања и негативни коментари. Потоа им ја објаснив вистинската слика. Реков, чекајте малку, зар тоа не е грчко-македонска граница, зар тие не дошле од Грција, зар веќе не беа во земја-членка на ЕУ, па сакаат да влезат во земја што не е членка? Значи кој е „лошото момче“ сега? Македонија сигурно не. Во ситуација кога емигрантите напуштаат една земја-членка на ЕУ како Грција, а веќе се на безбедно, значи животот не им е загрозен и сакаат да излезат и да одат во друга земја-членка на ЕУ, притоа во средината на патот е Македонија, како е можно земјата сама да мора да се соочува со нив, кога тие не се нејзин проблем?

Чија е одговорноста сега?

– Kога бегалците се во Грција, Македонија, Србија, нивниот живот веќе не е во опасност. Веќе не е во прашање хуманиот аспект, веќе не се работи за живот или смрт, туку прашање на разговор и договор меѓу ЕУ и земјите што не се членки, како да се им се овозможи пристоен живот и престојувалиште. Kога веќе еднаш емигрантите стапнале во Македонија или во Србија, или во друга земја, ЕУ треба да се договори со земјата: дали и колку може да прифати, дали има пари да ги прифати и колку пари ѝ се потребни, колку од дојдените можат реално да живеат интегрирано тука и колку пари за тоа ви се потребни како држава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top