| четврток, 6 декември 2018 |

Владиниот повереник во Телеком, Дејан Мицковиќ, им се заканувал на Унгарците со либерализација

Dejan-Mickovik

Документите од судот во Њујорк се неисцрпни. Покрај Бучковски, Шеќеринска, Макрадули, Жерновски и Пенов во овие документи има уште едно име од највисокото раководство на СДСМ од време на оваа афера.

Професорот на Правниот Факултет во Скопје Дејан Мицковиќ, кој беше близок соработник на премиерот Владо Бучковски, е еден од клучните ликови во аферата Телеком и еден од луѓето чие име најчесто се спомнува во документите изнесени пред Окружниот суд во Њујорк кој води процес за оваа афера против тројца поранешни директори на Маѓар Телеком, поради сомнеж дека потплатувале владини функционери во Владата на СДСМ.

Мицковиќ беше висок функционер во Македонски Телекомуникации. Мицковиќ беше претседател на Одборот на директори на компанијата и, според документите изнесени од обвинителството пред судот, директно учествувал во преговори меѓу македонската Влада предводена од СДСМ и унгарските директори во Маѓар Телеком, како и со двајцата грчки посредници, Михаил Кефалојанис и Ставрос Ставридис, кои имале споредничка улога во име на грчкиот бизнисмен Димитриос Контоминас.

Некои од коментарите на Мицковиќ кои се достапни на судот, покажуваат дека македонската Влада вршела притисок врз Маѓар Телеком, најавувајќи и на компанијата дека ќе се соочи со високи давачки за концесија, нема да може да ја сподели дивидендата и да ја изнесе од државата и нема да смее да врши реорганизација и отпушања од компанијата. Од пораките е јасно дека, доколку компанијата се согласи да им плати на партиите на власт, сите овие проблеми со кои се соочува ќе исчезнат.

Една од овие пораки е испратена на 23 мај 2005 година, од Елеонора Тупанческа од Македонски Телекомуникации до Дејан Мицковиќ. Тупанческа на Мицковиќ му доставува план за дејствување на Владата со кој се предвидува дека Македонски Телекомуникации мораат итно да исплатат дивиденда од 90 милиони евра, од која Владата на Македонија, како акционер во компанијата, ќе добие 42,4 милиони. Владата ќе му дозволи на Маѓар Телеком да го изнесе својот дел од дивидендата надвор од државата.

Mickovik Tupancevska zakanuvacki non paper

Но, понатаму во текстот е наведено дека, доколку Маѓар Телеком одбие да ја изврши оваа исплата, побарана во период кога наближуваат парламентарните избори во 2006 година, за кои од СДСМ на унгарските директори им најавиле дека се исклучително важни, тогаш Маѓар Телеком биле информирани дека ќе има последици.

Доколку одредбите погоре се неприфатливи за Матав (Маѓар Телеком), Владата на Македонија ќе пристапи кон итна примена на новите законоски правила, веднаш ќе распише тендер за трет мобилен оператор, како и тендер за втор фиксен оператор, и тоа во најкус можен законски рок, согласно со законот за електронски комуникации. Во исто време, Владата нема да прифати ниту еден предлог од Македонски Телекомуникации во врска со прифаќањето на позаконските акти”,пишува во документот насловен како Нон пејпер, доставен до Мицковиќ. 

Понатаму во документот, се предвидува дека Владата ќе ги префрли сите буџетски корисници од Мобимак на други компании, веројатно конкурентската Космофон.

Предвидена е уште една точка за која, според документите достапни на судот во Њујорк, СДСМ повеќе пати реагирале до унгарската компанија, а тоа е користењето пред се на странски консултанти во работата на компанијата Телемакедонија, која изготвувала стратегиски анализи и документи за потребите на Македонски Телекомуникации. Во документот испратен од Тупанческа до Мицковиќ, се вели дека Владата ќе бара Телемакедонија да издвои два милиони евра за услуги кои ќе ги порачува од македонски физички и правни лица.

Мицковиќ барал Телемакедонија да издвојува пет милиони евра годишно за странски експерти, но два милиони да бидат предвидени за македонски експерти  – по се изгледа луѓе блиски до СДСМ. На крај, се додава дека Владата ќе ја информира јавноста за неприфатливото однесување на Матав (Маѓар Телеком) кое е спротивно на интересите на граѓаните и државата, и секој граѓанин – корисник на услугите на Македонски Телекомуникации, ќе може да донесе одлука за тоа дали и во иднина ќе ги користи услугите на оваа компанија”, пишува во подготвениот документ.

Mickovik bara od Straub makedonski eksperti vo Telemacedonia

Претходно, на 7 април 2005 година, Мицковиќ испратил имејл порака до директорот на Маѓар Телеком Елек Штрауб, во која го информира дека македонската Влада е длабоко загрижена од тоа што Штрауб не го почитува договореното со премиерот Владо Бучковски при нивната средба на 26 јануари во Скопје. Тогаш наводно било договорено дека компанијата ќе ја исплати побаруваната дивиденда од 90 милиони евра, ќе врати 100 млади лица, ќе го запре отпуштањето на вишокот вработени од компанијата во текот на 2005 година и нема да ги зголемува месечните сметки за телефонска претплата.

Mickovik se zakanuva na Straub!!

Но, веќе на 25 мај 2005 година, Мицковиќ испраќа имејл порака до поранешниот потпретседател на Т-Мобајл Германија задолжен за средна и источна Европа Михаел Гунтер, во која му препорачува да ја потпишат спогодбата со која Владата на Македонија се согласува дека нема да распише тендер за трет мобилен оператор, а која, според документите достапни до судот во Њујорк, била дебело платена со договори за фиктивни консултантски услуги вредни милиони евра, исплатени на компании на Контоминас во Кипар, кои наводно потоа ги поделиле СДСМ и ДУИ. Оваа спогодба е веќе фамозниот Протокол за соработка, кој е крунскиот доказ дека Македонија се согласила да не воведува трет мобилен оператор кој би можел да предизвика сериозна конкуренција на пазарот и да доведе до намалување на цените на телефонските услуги.

Mickovik direktna zakana do Gunther

За да го одоброволат Мицковиќ, кој очигледно бил еден од главните преговарачи меѓу македонската Влада, во еден од документите е наведено дека Атила Сендреи разговрал со директорот на Маѓар Телеком Елек Штрауб за можноста компанијата да ја вработи сопругата на Мицковиќ.

Mickovik baral da ja vrabotat zena mu

Во прашањата кои адвокатите на Штрауб и другите двајца обвинети поранешни директори во Маѓар Телеком ги доставиле до судот како прашања кои сакаат да му ги постават на Мицковиќ, се прашува и дали тој, иако е претседател на Одборот на директор на Македонски Телекомуникации, се координирал со македонската Влада и дали најавата дека македонските институции ќе престанат да ги користат услугите на Македонски Телекомуникации претставува своевидна закана до компанијата.

Zvonko Davidovik zakani za Mickovik

Во прашањата подготвени за Мицковиќ, меѓу другото се прашува и која е улогата на адвокатот Звонко Давидовиќ, дали адвокатот бил повикан од страна на Елек Штрауб да стапи во контакт со Мицковиќ, и дали самиот Мицковиќ добивал некакви закани.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top