Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ изјави денеска дека Хрватска нема да дозволи да се претвори во „собирен центар“ за бегалците кои не ги примаат во соседните земји, остро приговарајќи им на Унгарија и Словенија за нивното однесување во сегашната бегалска криза.
-Хрватска има срце, но има и мозок – рече Милановиќ на прес конференција во Загреб, објаснувајќи дека владата од ноќеска се одлучила за примена на својот, како што рече, од порано подготвен „план Б“.
Според хрватскиот премиер, тоа не значи дека ќе се мобилизира војската, ќе се градат огради и ќе се пуштаат кучиња кон бегалците, но дека земјата нема капацитети да ги прими бегалците кои навлегуваат од сите страни, додека соседите (Унгарија и Словенија) ги затвораат границите.
Острата реакција на Милановиќ доаѓа откако владата во Загреб од ноќеска одлучи да затвори седум, од осумте копнени гранични премиени на хрватско-српската граница. Одлуката е донесена кога бројот на бегалците што за два дена влегоа на територијата на Хрватска, се искачи на 14 илјади.
Премиерот не објасни што е суштината на „планот Б„ но во Загреб се верува дека станува збор за организирање префрлање на бегалците од Блискиот Исток, со сите расположиви транспортни средства, до границите со хрватски соседи.
Милановиќ не објасни на кои мисли, но само рече дека Унгарија е поблиску, од Словенија.
Тој отворено ги критикуваше унгарскте и словенечките власти за нивниот однос кон бегалците и кон бегалската криза.
-Не можам да разберам зашто им се попречува патот на тие луѓе, кога бегалците не сакаат да останат, ниту во Унгарија, а ниту во Словенија, како што не сакаат да живеат ниту во Хрватска. Нивната цел се богатите западноевропски земји. Австрија каде има веќе 50 илјади бегалци, меѓу кои еден голем дел сака таму да се насели, како и Германија, ги имаат отворено своите врати, додека некои во нашето (хрватското) соседство се оградуваат и праќаат кучиња против бегалците- рече Милановиќ, прашувајќи се дали тие земји мислат дека бегалците ќе им ги извалкаат државите.
Тој рече дека Загреб нема да бара финансиска помош од ЕУ, затоа што старвува дека тогаш Хрватска би можела да се третира како бегалски „собирен центар„ но ги критикуваше Брисел и неговото „неснаоѓање„ во сегашната ситуација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.