| четврток, 6 декември 2018 |

Мандолинскиот оркестар на МКЦ учестуваше на фестивал во Виена

Mандолинскиот оркестар на Младинскиот културен центар (МКЦ) од Скопје под диригентската палка на Ванчо Јовчев со успех учествуваше на 2. Меѓународен фестивал за хорови и оркестри „Музички фестивал во Виена“ што од 11 до 14 септември се одржа во Виена, Австрија.
unnamed
„Нашите инструменталисти од неколку генерации одржаа два концерта, од кои вториот во салата на Конзерваториумот за драмски и музички уметности во Виена. На програмата беа изведени дела од Бах, Шуберт, Вилијамс, Шостакович, како и неизбежното „Македонско капричо“ од Драган Шуплевски. Од нашите изведувачи посебно ја издвојуваме изведбата, како солист во делата на Вилијамс (темата од филмот „Шиндлеровата листа“) и на Шуплевски, на нашиот млад, но веќе докажан виртуоз на виолината, Ева Богоевска“, соопштија од МКЦ.
Второто издание на фестивалот е со ревијален карактер. На него годинава учествуваа ансамбли и хорови од Полска, Финска, Чешка, Норвешка, САД, Словенија, Италија и Македонија.
Учеството на Мандолинскиот оркестар на 2. Музички фестивал во Виена, Австрија се реализираше со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија и Град Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top