| четврток, 6 декември 2018 |

Во велешкиот театар премиера на „Федра“ во рамки на ФАД „Стоби 2015“

На малата сцена на велешкиот Народен театар „Јордан Х.К.-Џинот“ на 20 септември ќе биде одиграна четвртатата премиера на овој театар годинава „Федра“ од Сашо Димоски во режија на Александар Ивановски, а ќе биде во рамки на 14. интернационален фестивал на античка драма „Стоби 2015“.

premiera-site1442495451_thumb_medium490_0

Претставата е прва копродукција во Македонија на еден македонски театар, на велешкиот театар со Словенско младинско гледалишче од Љубљана од Словенија, а во неа играат актерите Васил Зафирчев и Маруша Облак.

Како што појасни на денешната прес-конференција авторот на текстот Сашо Димоски, оваа приказна се задржува на менталните и емоционални разлики меѓу една повозрасна жена и еден помлад маж од аспекти на љубовта, кои можат да се случат меѓу нив.

– Во таа насока фатализмот, кој е логичен завршок на таа љубовна приказна, го оправдувам со незрелоста и со недоволноста на емоционалниот морал на мажот, кој треба длабоко да влезе во таа приказна и со жената што дошла да си ја побара, најде и живее среќата. „Федра“ е потрага по личната среќа – нагласува Димоски.

Актерката од Љубљана Маруша Облак, која со својот театарски ансамбл веќе има гостувано на велешката театарска сцена, но првпат работи копродукција со македонски театар, на одличен македонски јазик искажа благодарност до целит тим на претставата што и помогнале да ја сработат. Посебно благодарност за одличната соработка со колегата Васил Зафирчев, за кој рече дека освен колега е и одличен пријател.

Актерот Васил Зафиречев истакна дека иако претставата трае 57 минути, таа емногу напорна бидејќи се игра на мала сцена и нема импровизации.

Интересно е што за време на претставата на сцената , музиката во живо ќе ја изведува авторот на музика и музичар Сашко Костов.

Инаку, и оваа претстава е во конкуренција за една од наградите на Фестивалот на античка драма „Стоби 2015“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top