Еден од осомничените за кражбата на мајмунчето од Зоолошката градина во Скопје е фатен при разбојништво во Кавадарци, потврди Анита Стојковска, портпаролката на СВР Велес.
Полицајци од кавадаречката полиција на 12 септември околу 20.00 часот го лишиле од слобода 31-годишниот жител на Кавадарци поради основи на сомнение дека сторил кривично дело „разбојничка кражба“ .
- Осомничениот С.Н. (31), половина час пред неговото лишување од слобода, влегол во куќа лоцирана на улица „Шишка“ во населба Глишиќ-Кавадарци и во моментот кога одзел кутија со мобилен телефон, бил затечен на од сопственикот на куќата. Со цел да го задржи одземениот предмет, осомничениот извадил огнено оружје-пиштол и при излегување од куќата испукал еден куршум во воздух, по што побегнал – рече Стојковска.
По наредба на судија во претходна постапка бил извршен претрес во неговиот дом во Кавадарци, при што биле пронајдени повеќе предмети кои потекнувале од претходно извршени кривични дела.
– Осомничениот со кривичната пријава за сомнение за сторени кривични дела „разбојничка кражба“ и „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ е изведен пред надлежен суд и му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена -рече Стојковска.
Се работи на документирање и на други кривични дела од областа на имотните деликти за кои сега споменатото лице е осомничено, за што ќе следат дополнителни поднесоци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


