| четврток, 6 декември 2018 |

Централна банка ги едуцираше децата како се штеди

Народна банка на Македонија преку игра ги учи децата да штедат. Во изминатиот период, претставници и дел од раководството на Народната банка на Република Македонија, посетија 13 основни училишта и одржаа интерактивна настава наменета и приспособена за учениците од трето до петто одделение. Во наставата беа вклучени вкупно околу 400 ученици, соопшти НБРМ

nbrm

Под мотото „Преку игра до едукација“, учениците се запознаа со теми од областа на парите, целите и задачите на Народната банка, банките, штедењето и сл. За да се постигне ефектот кај учениците од остварувањето на проектот „Финансиска едукација“, овие активности треба да дадат јасна слика за тоа што претставува Централната банка и кои се нејзините основни цели и задачи како институција во државата.

Интерактивната настава опфаќаше запознавање на учениците преку интересни едукативни игри и активно учество и поттикнување на детското размислување во целата дискусија за време на предавањата. Во некои училишта во изведувањето на наставата се вклучи и Центарот за човечки права и разрешување конфликти.

krume

За време на наставата на учениците им беа подарувани сложувалки со дизајн на македонските пари, брошури, касички и други материјали со заштитните ликови на Народна банка: момчето, девојчето и монетата од еден денар со име Денарко. Едукативните материјали се преведени на албански, ромски, турски, влашки и на српски јазик и тие периодично ќе се доставуваат до основните училишта во кои има настава на некој од споменатите јазици, а ќе бидат објавени и на интернет-страницата на Народната банка. Во рамките на проектот, постојано се објавуваат материјали со едукативна содржина, која опфаќа повеќе аспекти од економската сфера, и во списанијата за деца и млади „Другарче“, „Развигор„ и „Наш свет“, кои редовно се дистрибуираат до сите основни училишта во државата, соопшти НБРМ.

Инаку, акцијата е во рамките на Меѓународната недела за финансиска едукација на деца и млади и се реализира под водство на Меѓународната организација за едукација на деца и на млади со седиште во Амстердам, Холандија. Биле преземени многубројни активности од страна на 185 организации за финансиска едукација, при што беа опфатени еден милион деца и млади од најмалку 80 држави.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top