Повеќе од 90 отсто од аптеките работат согласно со законот, правилата и прописите. Големи неправилности во работењето и комплетно непочитување на законот во однос на шверц со наркотици изминатата година се утврдени во шест аптеки во Скопје, Куманово, Струга, Велес, Тетово и Гостивар кои шест месеци беа затворени и против нив е поднесена прекршочна пријава.
Ова денеска го истакна директорката на Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија, Марија Дарковска Серафимовска, одговарајќи на новинарско прашање во врска со она што е утврдено при инспекцискиот надзор што го спровеле во аптеките.
Посочи дека во шесте аптеки не била водена евиденција во книгата за наркотици, идентификувано е издавање на наркотици, пред сѐ на метадон, без да се евидентира пациентот кој ја земал терапијата во книгата за наркотици, што е обврска, а истовремено на еден ист пациент му биле издадени по 70, 80 ампули метадон што е спротивно на законот за лекови.
– Пронајдени се и лекови кои воопшто не се регистрирани, со непроверен квалитет и со поминат рок. Поднесовме прекршочна пријава- истакна Дарковска Серафимовска.
Во аптеките каде се забележани минорни отстапувања од она што е законска регулатива и правилник, појасни, укажано е и при повторните контроли.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.