Во еден арапски „Прирачник за бегалци“ објавен на Интернет, Бугарија е на прво место на листата на држави кои бегалците треба да ја избегнуваат. Исламофобијата и расизмот во Бугарија имаат дога традиција, наведува „Дојче веле“.
„Нѐ нападнаа тројца Бугари. Јас успеав да избегам, но мојот пријател не. Бугарите го фрлија на земја, четворица го држеа за раце и нозе, а петтиот скокаше врз него како на трамболина. Престанаа дури откако пријде едно возило и ги запали светлата. Пријателот имаше безброј скршеници на коските. Еден Ирачанец, бегалец, го фрлија од мост висок преку два метра, откако претходно го избодеа со ножеви. Сега не може нормално да се движи“- наведува еден ирачки бегалец, цитиран од оргaнизацијата „Проазил“.
Преку 10.000 бегалци дојдоа во Бугарија од арапските земји, со првиот бран бегалци од 2013 година.
Најголемиот број од нив вели дека бугарските власти, но и граѓаните на земјата лошо се однесувале кон нив. Во Бугарија се шпекулира дека дека бегалците намерно претеруваат во раскажувањата за да можат побрзо да продолжат кон запад. Но, факт е дека поголемиот број Бугари не сакаат бегалци. На интернет-форумите секојдневно се објавуваат пораки на омраза, а се случуваа и напади и протести, како и политички акции против нив. Пораката секогаш е иста: „Бугарија е сиромашна христијанска држава и ние не ве сакаме“. Јавноста, сепак, никогаш не е прашана за тоа – вели социологот Живко Георгиев. Политичарите не сакаат да го знаат тоа – додава Георгиев.
И социологот Андреј Рајчев смета дека бегалците од почетокот на годината ја избегнуваат земјата, бидејќи населението е крајно агресивно кон нив. – Бугарите ги сметаат дојденците за Цигани – оценува тој, додавајќи дека тој поим во Бугарија има крајно негативни конотации.
-Единствено искуство на просечен Бугарин со странци е допирот со Ромите во својата земја. Тоа што сега бегалците во ЕУ одат преку Македонија, е резултат на тоа одбивање – вели Рајчев.
Навистина, поголемиот дел Бугари многу негативно се однесува кон ромското малцинство. Освен тоа, Бугарите, за разлика од Македонија и од Србија, за време на Железната завеса немаа контакти со странци и со странски култури.
На Бугарите им оди на нерви тоа што најголемиот дел од бегалците се муслимани. Затоа што бугарскиот национален идентитет наголемо се црпи од приказната за „500 години турски јарем“ и владеењето на Османлиското царство. Тоа го покажуваат и многуте пораки кои во рамки на една анкета на „Дојче веле“ на „Фејсбук“ стигнаа од Бугарија „Не ве сакаме тука, муслиманите 500 години нѐ колеа како пилиња“, „Одете си оттука, имаме доволно проблеми и со нашите Цигани кои себе се нарекуваат Роми или Турци“, се само дел од нив. Таа порака очигледно допрела до бегалците и затоа ја избегнуваат Бугарија. Експертот за арапскиот свет, Владимир Чуков, зборува за три различни извори на информации за Бугарија со кои се користат арапските бегалци.
Првите се записите на социјалните мрежи. Другите се проценките на шверцерите кои брзо се шират меѓу бегалците. Третиот извор е таканаречениот „Прирачник за бегалци“ ,кој и Чуков го прочитал на Интернет. Бегалците ја бираат својата рута или дестинација и по принципот „пренеси натаму“, усна пропаганда која е важен извор на информации за новата средина.
– „Прирачникот“ е објавен на еден сириски интернет- портал близок до претседателот Асад – додава Чуков.
-Таму, меѓу земјите кои барателите на азил треба да ги избегнуваат, Бугарија е на прво место. Се вели дека бугарскиот народ е расистички настроен и дека таму кон бегалците сместени во логори се постапува нечовечки. Тоа се тврдења кои може да ги потврдат и многу бегалци – додава тој.
Едно лице-бегалец, во разговор за „Проазил“, вака го опишал искуството: „Животот во Бугарија е пекол. Целиот престој во Бугарија беше обележен со патење, со малтретирање и со понижување. Ниту бугарските власти, ниту народот не се добри кон бегалците“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.