Агенцијата за бегалци при ОН (УНХЦР) предупреди денеска дека илјадници бегалци и мигрантите од Блискиот Исток ќе се најдат во ситуација на „правна несигурност“ поради различните погранични правила што почнаа да ги применуваат некои земји на ЕУ, како заштита од големиот наплив на луѓе кои бегаат од воените жаришта.
Во посебно издаденото соопштение, УНХЦР бара ЕУ во една ваква ситуација, да се договори за определување на еден „сеопфатен европски одговор“ за кризата, сугерирајќи на потребата од итно формирање ефикасни центри за прием на илјадниците бегалци.
Според оваа агенција на ОН, ваквите големи центри треба да се создадат во земјите каде бегалците доаѓаат, како што се Грција, Италија и Унгарија. Во нив луѓето ќе треба да се регистрираат и да се прегледаат, пред да се определат што ќе прават понатаму.
Соопштението на УНХЦР доаѓа по одлуката на Германија, привремено да воведе гранична контрола на нејзината граница со Австрија, а пред денешната вонредна седница на министрите за внатрешни работи на земјите од ЕУ.
Седницата е закажана за постигнување договор околу редестрибуцијата на првичните 40 илјади бегалци, низ предложената квота, но договорот е неизвесен поради острото противење на поранешните комунистички земји од источна и од централна Европа, кои не сакаат да примаат мигранти на својата територија.
Европската комисија предложи план со кои 160 илјади бегалци и мигранти ќе се распределат во 23 од 28 земјите од ЕУ, според определена квота.
Во досегашните услови, голем број бегалци одбиваа да се регистрираат во земјите каде влегуваа во ЕУ, како Грција и Унгарија, стравувајќи дека поради тоа не ќе може да побараат азил во Германија и во некоја од најбогатите земјите од Западот на Унијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.