На овој празник започнува црковната нова година. Според верувањето и светците се раководеле по овој календар. Со празникот Свети Симеон е поврзано есенското засејување, што е проследено со посебни обичаи и верувања, иако тие се различни во разни краишта на Македонија имаат и многу заеднички елементи.
Именден празнуваат: Симо, Симеон, Симонка, Симон, Симона, Симка…
На први септември според стариот календар (или на 14 септември според новиот) започнува црковната година, а во народот овој ден се смета за голем земјоделски празник. Тоа најповеќе се манифестира со обичаите и верувањата поврзани со започнувањето на есенската сеидба. Се верува дека откако е собрана летнината завршен е еден годишен циклус и започнува друг со првата есенска сеидба. Се носело семе во црквата да се „очати и благослови“, а потоа дома се мешало со другото жито подготвено за сеење. Исто така се верувало дека на овој ден не се дава заем и не се изнесува ништо од дома за да не се разнесе касметот, а сите црни предмети од куќата се криеле од пред очи.
Народното верување уште вели дека на овој ден започнува црковната година и дека по календарот што започнува со овој ден се раководеле светците како Божји луѓе. Се верувало и тоа дека на тој ден Господ на некои умрени што доволно се покајале им ги простувал гревовите.
Житието на преподобниот Симеон Столпник сведочи дека е роден во 357 година, во една погранична област меѓу Сирија и Каликија во Мала Азија. Потекнувал од селско семејство, од бедни и неуки родители но чесни христијани. Детските години ги поминал како овчарче чувајќи туѓи стада. На 18 годишна возраст се замонашил. Сакајќи што повеќе да се доближи до Бога изградил висок столб на кој минал подолго време во пост и молитви поради што е наречен Столпник. За тоа време кај столбот два пати доаѓала мајка му и го молела да слезе за да се видат, но тој сметал дека не треба да ја прекинува молитвата и не слегувал. Во близината на столбот се собирале луѓе кои ги слушале неговите молитви и присуствувале на чудата што се случувале по молитвите (лекување болни и сл.), така што тој уште за време на животот бил сметан за светец. Под столбот на кој тој престојувал доаѓале и многумина пагани кои ги слушале неговите емотивни беседи за Света Тројца, за Господ Исус Христос, пред неговите очи ги кршеле своите идоли и ја прифаќале христијанската вера. Особено се истакнал во разобличувањето на разните ереси кои се појавувале во тоа време.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.