Брачни парови се заинтересирани да ја прошират фамилијата со трето или четврто дете по пат на ин витро.
Интересирањето доаѓа по најавата дека постапката ќе биде на државен трошок.
Уште минатиот викенд кога премиерот Груевски ја најави новината, од ФЗОМ потврдија дека десетина семејства веќе се јавиле во нивните служби да прашаат која е постапката и што им е потребно. За краток период владата ги усвои измените на законот кој следната недела ќе се најде пред пратениците од матичната комисија а потоа на собраниска седница. Со истото законско решение од почетокот на октомври вештачкото оплодување ќе биде бесплатно. Корисниците нема да плаќаат партиципација од 6000 денари која важеше досега.
Според податоците од Фондот за здравствено осигурување, од година во година има се поголем број на барања за ин витро оплодување. Лани биле одобрени 1060 за прво и 145 за второ дете. Оваа година заклучно со јули, позитивно биле решени 787 барања од кои 91 за второ дете. Надлежните им ја олеснија и постапката за аплицирање на родителите кои барањата изминатите четири месеци ги доставуваат електронски преку матичните гинеколози.
Паровите имаат право да изберат во која од деветте здравствени установи со кои Фондот склучил договор ќе биде направено вештачкото оплодување.
Со укинување на партиципацијата за ин витро, Фондот годишно ќе издвојува дополнителни 9 милиони денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.