| четврток, 6 декември 2018 |

Ставрески: Преку 2.500 фирми ја искористија можноста за откуп на земјиштето

откуп

Можноста за откуп на земјиште со владиниот проект од 2009 година досега ја искористиле преку 2.500 фирми, а поддршката и помошта за бизнисот со такви проекти ќе продолжи, истакна вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, при денешната посета на општина Василево.

– Преку 2.500 фирми во Македонија досега ја искористија можноста за откуп на земјиштето при што Министерството за финансии и Владата помогнаа преку директи контакти со дел од фирмите да се разрешат одредени сложени прашања за приватизацијата на земјиштето, како големи, така и помали фирми да го реализираат тоа, односно да си го откупат земјиштето – изјави Ставрески одговарајќи на новинарски прашања.

Откупот на земјиштето, потенцира вицепремиерот и министер за финансии, е многу значен за фирмите, бидејќи, како што рече, кога го поседуваат земјиштето ќе можат да го користат и како хипотека за да добијат финансиска поддршка од банките.

– Задоволен сум од тој процес и ќе продолжиме и понатаму со поддршка и со помошта на фирмите и останатите што се заинтересирани да го приватизираат земјиштето под извонредно поволни услови – истакна Ставрески.

Тој потсети дека проектот за откуп на земјиштето беше едно од долгогодишните барања на бизнисмените во Македонија, кое ниту една друга влада претходно го немаше решено.

– Од 2009 година овозможивме да почне да се реализира откупот на земјиштето по повластени услови со попуст од 30 отсто доколку фирмите го платат во готовина со поволни цени – рече Ставрески.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top