Присуството на руски војници во Сирија е поврзано со испораката на оружје на сириските владини сили, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Рускиот весник „Комерсант“ денеска објави дека Москва ги снабдува сириските владини сили со огнено оружје, ракетни фрлачи и со оклопни возила во нивната борба против радикалните исламисти од Исламска држава.
– Руски воен персонал е присутен во Сирија, тие се распоредени таму веќе неколку години. Нивното присуство е поврзано со испорака на оружје за сириската војска, која носи најголем товар во борбата против терористите од ИД и останатите екстремистички групи, така што рускиот воен персонал е таму со цел да им помогнат на Сиријците да управуваат со опремата и со подготовката за нејзино користење во борбата против терористите – изјави Лавров на конференција во Москва, пренесува „Спутник“.
Претходно портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одби да коментира дали руски војници учествуваат во борбите во Сирија, откако либански извори изјавија дека руски сили се ангажирани во операциите на сириска територија. Тој додаде дека рускиот претседател Владимир Путин ќе зборува за Сирија и за ИД во своето обраќање пред Генералното собрание на ОН кон крајот на овој месец во Њујорк.
Западните медиуми, повикувајќи се на „три либиски извори кои се запознати со политичката и со воената ситуација во Сирија“, наведуваат дека „руски сили почнале да учествуваат во воените операции во оваа земја како поддршка на сириската војска“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
САД воведоа нови санкции за Русија, Москва смета дека е реванш за Сирија
-
Нови напади на Сирија: Соборени 9 ракети (видео)
-
Сирија од минута во минута: Асад порача: Сиријците не се плашат од НАТО, сега видовме дека оружјето им е застарено! (видео)
-
Српски дипломат тврди: Се знаеја и времето и метите за нападите во Сирија!