Речиси две третини од студентите на Универзитетот во Ниш би сакале по дипломирањето да ја напуштат Србија и да најдат работа во Германија, САД, Шпанија или Норвешка, покажуваат резултатите од истражувањето на српската Канцеларија за дијаспора.
Според анкетата, со која биле опфатени 597 студенти од Нишкиот универзитет, дури 63 проценти од испитаниците изјавиле дека размислуваат да ја напуштат Србија.
Најголемиот број од нив изјавиле дека би сакале да заминат да живеат во Германија, САД, Шпанија или во Норвешка, бидејќи сметаат дека во овие земји би имале повисок стандард, подобри услови за живот, повеќе можности за вработување во струката и шанси за стекнување на поквалитетно образование.
Мнозинството студенти, сепак, изјавиле дека би останале да живеат во Србија доколку имаат подобри услови за живот, поголеми можности за вработување или ако можат полесно да започнат сопствен бизнис.
Најголемиот дел од анкетираните студенти што сакааат да ја напуштат земјата изјавиле дека би сакале да останат најмногу до пет години во странство, по што би се вратиле во Србија.
Од друга страна, малку повеќеод 20 проценти од испитаниците изјавиле дека доколку заминат во странство не би сакале да имаат контакт со Србија, објави регионалниот весник „Јужне вести“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.