| четврток, 6 декември 2018 |

Исповед на Мигрант: Наместо Мухамед, отсега ќе се викам Мартин

AP_8459912944
Мохамед Али Зоноби ја наведна главата, а свештеникот врз неговата црна коса истури света вода.
– Дали се откажуваш од Сатаната и сите негови дела? – го праша свештеникот Готфрид Мартенс бегалецот од Иран.

– Дали ќе се одделиш од исламот?

– Да – повтори Зоноби.

Свештеникот тогаш ги рашири рацете и го крсти мажот, во името на Отецот, Синот и Светиот Дух”. Мохамед стана Мартин – повеќе не е муслиман, сега е христијанин. Зоноби, столар од иранскиот град Шираз, дојде во Германија со сопругата и двете деца пред пет месеци. Тој е само еден од стотиците, главно Иранци и Авганистанци кои се преобратиле во Епископската црква во Берлин.

Како и Зоноби, повеќето напоменуваат дека го прифатиле христијанството заради цврста вера. Но, она што нема да го признаат гласно е дека оваа одлука им ги зголемува шансите за добивање азил, бидејќи ќе имаат оправдан аргумент дека, ако бидат вратени назад во својата татковина, ќе се соочуваат со прогон, бидејќи тие се христијани. Сепак, за свештеникот мотивацијата не е важна.

– На многумина крштевањето им го менува животот – вели свештеникот кој проценува дека само околу 10 % преобратени не се враќаат во црквата.
– Знам дека луѓето доаѓаат овде, бидејќи се надеваат на азил. Сепак, јас ги повикувам да се приклучат, бидејќи знам дека секој кој доаѓа тука, нема да излезе – вели Мартенс.

Самото крштевање не е доволно за добивање азил и канцеларката Ангела Меркел оваа недела нагласила дека исламот ѝ припаѓа на Германија. Но, во Авганистан и Иран преминувањето во христијанството се казнува со смрт или казна затвор, па малку е веројатно дека Германија ќе ги врати таквите бегалци назад дома. Неколку од крстените во црквата на Мартенс не сакале да ги дадат своите имиња, поради страв дека нешто лошо ќе им се случи на нивните семејства кои останале во татковината.

По тримесечниот “забрзан курс” пасторот Мартенс муслиманите ги крштева, а подоцна дури им помага околу добивање азил. И други цркви низ Германија пријавиле зголемен број на оние Иранци кои преминале во христијанската вера. Нема точен број колку муслимани во изминатите неколку години во Германија го прифатиле христијанството, и тие се малцинство во споредба со четирите милиони муслимани, колку што живеат во Германија. Но, Мартенс преминувањето го опишува како мало чудо.

– На крштевање сега чекаат околу 80 луѓе, претежно мигранти од Иран и неколку Авганистанци, вели Мартенс.

Оваа година барање за азил ќе поднесат, се претпоставува, околу 800.000 луѓе и додека бегалците од Сирија речиси сигурно ќе добијат статус азилант, ситуацијата е посложена за луѓето од Иран и Авганистан, бидејќи ситуацијата во тие земји, особено во Иран, многу повеќе е постабилна. Во последниве години, околу 40-50 % од бегалците успеале да добијат дозвола за престој во Германија, а многу од нив имаат само привремена дозвола.

Зоноби, кој за крштевањето во неделата се облече во бело, рече дека во Иран присуствувал на тајни религиозни церемонии откако неговите пријатели го запознале со Библијата, кога тој имал 18 години. Решил да побегне во Германија, откако неколку од неговите пријатели христијани биле уапсени поради тоа што ја практикувале својата вера. За Зеноби и за неговата сопруга, Афсанех, која со крштевањето го добила името Катарина, крштевањето означува нов почеток.

– Сега сме слободни и можеме да бидеме тоа што сме. Најважно од сѐ, јас сум среќна поради тоа што нашите деца ќе имаат добра иднина во Германија, каде што ќе добијат добро образование – рече Катарина.
(Извор: Тинк)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top