| четврток, 6 декември 2018 |

НБМ ги пушти во оптек новите монети од 100 денари

Народната банка на Република Македонија ги пушти во оптек кованите пари за колекционерски цели „Владимир“, „Наталија“ и „Олга“ од серијата „Ден на Ангел“.

Кованите пари се изработени од сребро, во овална форма со димензии од 30 х 50 мм, полирани со тампон печатење и вметнат кристал „сваровски“ со димензија 2,6 мм.

Цената на кованите пари изнесува 3.500,00 денари.

На аверсот на сите три ковани пари е претставен ангел наведнат над дете во моментот на крштавањето. Претставени се обоени, златни ѕвезди околу ангелот и три свеќи околу детето. Во средишниот дел од аверсот е прикажан грбот на Република Македонија, а на десната страна, по должината на периметарот, се прикажани натписите „Република Македонија“ и „100 денари“ на македонски јазик, како и годината на издавање „2015“.

olga2

Кованата пара „Владимир“ на реверсот има слика на свети Владимир – Владимир I, великиот кнез на Киев и на цела Русија, истакнат политички владетел во античките времиња, кој го прифатил христијанството во 998 година и ја христијанизирал Киевска Русија. На долниот дел од монетата е прикажана црквата на кнезот Владимир во Лужники (Москва) во близина на реката Москва, а на левата страна е прикажан замок – симболот на св. Владимир. Замокот е одделен од својот одраз во водата со името „Владимир“ напишано на македонски јазик. На десната страна е вметнат кристал „сваровски“, кој наликува на зелен јаспис (среќниот камен на св. Владимир).

sdf23

Монетата „Наталија“ во средишниот дел на реверсот има слика на света Наталија од Никомидија – ранохристијанска маченичка (почеток на IV век), сопруга на маченикот Адријан од Никомидија. На долниот дел е прикажана црквата на светиот маченик Адријан и преподобна Наталија, која се наоѓа во областа Добрјански (Русија), изградена на бреговите на реката Кама. На десната страна е прикажано семејство ежови – симбол на името на Наталија. На левата страна е вметнат црвен кристал „сваровски“, кој го претставува среќниот камен на Наталија (хелиотроп – крвав камен).

olga3

На монетата „Огла“ е претставен ликот на светата рамноапостолна Олга, сопруга на киевскиот велики кнез Игор, која била првата владетелка на Русија која го прифатила христијанството. На десната страна е прикажан леопард – симболот на св. Олга, а на левата страна е вметнат жолт кристал „сваровски“, кој го претставува среќниот камен на Олга (килибар).

Народна банка информира дека кованите пари за колекционерски цели се законско средство за плаќање во Македонија, а  дополнителни информации за овие монети може да се најдат на интернет-страницата на Народната банка на Република Македонија на следнава врска: www.nbrm.mk/Ковани пари за колекционерски цели.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top