| четврток, 6 декември 2018 |

Нов план за прераспределба на емигрантите

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер денеска претстави нов план со кој товарот за згрижување на емигрантите во Европа би требало да биде рамномерно поделен меѓу земјите-членки на Унијата, соопштија дипломатски извори од седиштето на ЕУ.

Macedonian police officers control departure of the migrants in the train heeding to the Serbian border

Со планот се предвидува прераспоредување на околу 120.000 бегалци, колку што во моментов се наоѓаат во Грција, Италија, Унгарија и другите земји-членки на ЕУ.

Во согласност со новиот план, секоја земја-членка на ЕУ би требало да прими одреден број емигранти во зависност од нејзината големина, богатство и капацитети, при што за секој прифатен бегалец од фондовите на Унијата на членките ќе им бидат исплаќани по 6.000 евра.

Планот предвидува тие држави-членки што ќе одбијат да ја прифатат предвидената квота на бегалци, да мораат во посебен фонд да уплатат по 6.000 евра за секој емигрант што нема да го примат.

Околу 60 проценти од сите имигранти во следниве две години би требало да бидат сместени во Германија, Франција и Шпанија додека најмалку бегалци, по околу 400, би требало да згрижат Кипар и Малта.

Висината на квотата на бегалците што треба да ги прими секоја земја-членка на ЕУ и определена врз основа на пресметка во која по 40 отсто влијание има висината на домашниот бруто-производ и бројот на жители, а по 10 проценти стапката на невработеност и бројот на барањата за азил што се во фаза на обработка.

Во планот се нагласува дека ниту една земја не може да избира и да ги дискриминира бегалците според вероисповед, степенот на образование или личните карактеристики. Од друга страна, ниту бегалците не ќе можат да избираат во која земја ќе бидат преместени, а доколку одбијат да заминат во државата за во која се одредени, ќе им бидат скратени правата на азил.

Со овој план не се опфатени Велика Британија и Ирска, кои не се членки на шенген зоната, како ниту Данска. Сепак, британскиот премиер Дејвид Камерон најави дека неговата земја е подготвена во следните пет години да прифати 20.000 сириски бегалци, кои се сместени во бегалските кампови во Туција, Либан и во Јордан.

Сличен план, Еврокомисијата предложи и на почетокот на летото, но тој тогаш беше одбиен од земјите-членки на ЕУ, кои тврдеа дека имаат суверено право сами да решаваат за бројот на емигрантите што ќе ги прифатат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top