Поради напливот на мигранти кои пристигнуваат во прифатниот камп на нашата јужна граница, изминативе денови интензивиран е превозот на мигрантите од Гевгелија кон Табановце.
Од железничката станица во Гевгелија соопштија дека во изминатово деноноќие со четири специјални возови од Гевгелија за Табановце се превезени околу 2.500 мигранти. Утрово од Гевгелија за Табановце замина уште еден воз со околу 600 мигранти, но железничарите велат дека на станицата во Гевгелија имаат подготвено уште два воза кои чекаат на утовар во текот на денот.
Според оценките на УНХЦР, изминативе два до три дена од јужната кон северната граница низ земјава транзитирале вкупно 10.000 мигранти, од кои најмногу околу 6.000 биле регистрирани во понеделникот.
Според оценките на УНХЦР, изминативе два месеци низ земјава транзитирале околу 60.000 мигранти на својот пат кон саканата дестинација.
Превозот на мигрантите и утрово се одвива интензивно, претежно со автобуси и таксивозила. Утрово од Гевгелија кон Табановце заминаа 30ина автобуси и исто толку таксивозила кои превезуваат повеќе од 2.500 мигранти. Организираниот превоз засега се одвива нормално и без некои посебни потешкотии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.