| четврток, 6 декември 2018 |

Кризата беснее, а Обама молчи

САД имале и имаат вмешано прсти во многу геополитички настани на Блискиот исток, а последиците од хаосот и војните на тоа подрачје сега многу добро се гледаат. Стотици илјади бегалци кои речиси немаат каде, никој не ги сака. Земјите на ЕУ ќе примат толку колку што ќе им одреди Европската комисија, пишува српскиот портал „Вести онлајн“.

Најбогатите земји на Персискиот Залив одлучно велат не на бегалците од Сирија, не сакаат да им дадат визи. Тие се принудени да бегаат во Европа. Исто така се поставува прашањето, зошто САД не ги прима тие луѓе?

Пред неколку месеци, 14 американски сенатори напишаа до Барак Обама да овозможи доаѓање и сместување во Америка за најмалку 65.000 бегалци од Сирија. Критичарите веднаш нападнаа дека основаат џихадистички пратенички клуб и дека пуштањето на Сиријци во нивната земја би довело до доаѓање на потенцијални терористи.

Администрацијата на Обама ги отфрли критиките како неосновани, но барањето на 14 сенатори сепак беше одбиено. Во овој случај добро се гледа недостиг на политичка волја за решавање на проблемот на бегалците, или барем за помош, ако се земе предвид дека Америка со своето мешање во Блискиот исток во добар дел е одговорна за сегашната состојба.

На американската јавност потресните призори кои стигнуваат од брегот на Медитеранот и балканската рута не влијаат премногу. Луѓето и понатаму се внимателни и не даваат поддршка на идејата за населување на бегалци на американско тло.

САД исто така се соочени со проблемот од милиони илегални доселеници од Мексико и други латиноамерикански држави, за што водат расправа веќе со години. Како што се наближуваат претседателските избори, се попопуларни се кандидатите со остри ставови кон доселениците, па така ширум светот можат да се слушнат изливите на Доналд Трамп, кој тврди дека Мексиканците кои доаѓаат во САД се криминалци, дилери и силувачи.

Американската војска веќе со месеци извршува воздушни напади на позициите на Исламската држава во Сирија и Ирак, што исто така делува на бегалскиот бран, а тука е и војната која ја води режимот на Башар ел Асад.

Америка донира голема помош на бегалците, тука се донации од УНХЦР и Светската програма за храна, но тоа не помага на целиот проблем. Според статистиките на ОН, моментално во светот расселени се 60 милиони луѓе, а бегалци се 19 милиони. Америка секоја година доделува сместувања за 70.000 бегалци од сите делови на светот, многу од нив врз основ на препораки на УНХЦР, но меѓу нив има многу малку Сиријци. Причина за тоа е што постапката за стекнување на престој може да потрае две години.

Стејт департментот тврди дека идната година ќе го зголеми бројот на Сиријците кои ќе ги прими, на околу 1.800 луѓе, што е само симболична бројка, бидејќи моментално четири милиони Сиријци се без покрив над глава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top