| четврток, 6 декември 2018 |

Вељановски: Референдумот од 8 септември 1991 година е наша најголема современа победа

Trajko-Veljanovski-topРеферендумот од 8 септември 1991 година е нашата најголема современа победа, а изразената волја на граѓаните претставува заокружување на стремежите, принципите и сонувањата на генерациите од двата Илиндена. Денес поради нас самите и евроинтегративните процеси, продолжуваме со реформите. Повторно е потребно политичките разлики да се подредат на клучните државни прашања. Нема поголема причина за единство, од Македонија и од иднината на нашите граѓани.

Ова го истакна претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски на свечениот прием вечерва во пресрет на празникот „8 Септември“ – Денота на независноста на РМ, на кој присуствуваа претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, пратеници од првиот Собраниски состав, актуелни пратеници, министри, претставници на верските заедници, на АРМ, на дипломатскиот кор и други гости.

– Пред 24 години граѓаните на Македонија на референдум се изјаснија за своја самостојна држава. Референдумот од 8 септември 1991 година е нашата најголема современа победа, а изразената волја на граѓаните претставува заокружување на стремежите, принципите и сонувањата на генерациите од двата Илиндена. Затоа, посебно сакам да изразам благодарност до граѓаните на Република Македонија кои во тие турбулентни времиња пред 24 години масовно излегоа и со својата слободно изразена волја ги поставија темелите врз кои 24 години успешно ја градиме Република Македонија, потенцира Вељаноски.

Тој во истовреме, изрази благодарност до пратениците од првиот состав на Собранието на Република Македонија кои, рече, оваа изразена волја на граѓаните ја преточија во Устав и закони односно го поставија уставно-правниот систем на државата.

– Во овие 24 години верувам дека се направени многу позитивни работи кои се во корист на нашите граѓани. Без разлика дали станува збор за економскиот развој, или кој било друг сегмент од нашето секојдневие, како што е на пример образовниот систем, здравствениот систем и социјалната заштита, културното живеење, па се до вкупниот општествен или личен стандард, можеме да констатираме дека имаме позитивни трендови. Дали можеше повеќе и подобро? Да, секогаш може. Но, сепак, мислам дека на ова може подобро да се одговори од една историска дистанца, односно да оставиме да не оценуваат генерациите кои доаѓаат после нас. Верувам дека сите ќе се сложиме дека успесите многу полесно ги правиме кога имаме висок степен на единство околу конкретни прашања, без разлика дали станува збор за внатрешни прашања или за остварување на стратешката цел, интеграција во ЕУ и НАТО, нагласи Вељаноски.

Тој истакна дека во овие 24 години на самостојност како мултиетничко, мултикултурно и мултиконфесионално општество создадени се услови за целосна рамноправност на сите етнички заедници за зачувување на нивниот идентитет.

– Верувам дека денеска, без разлика дали сме Македонци, Албанци, Роми, Турци, Власи, Срби, Бошњаци, Република Македонија ја чувствуваме како своја татковина. И убеден сум дека и понатаму ќе продолжиме во тој правец, бидејќи токму тоа наше заедништво на различности не прави многу посилни и по препознатливи на меѓународната сцена, посочи првиот парламентарец.

Во овие 24 години и покрај сите пречки и блокади Република Македонија и понатаму, додаде, активно продолжува да биде фактор на стабилност и конструктивност во регионот.

– И поради нас самите, и поради евроинтегративните процеси, овде во законодавниот дом и во целина, продолжуваме да ги правиме потребните реформи и усогласувања. Повторно е потребно политичките разлики и судири да се подредат на клучните државни прашања. Нема поголема причина за единство, од Македонија и од иднината на нашите граѓани! И токму со овој историски факт дозволете ми на крајот на сите граѓани на Република Македонија и на сите вас да го честитам 8 Септември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top