| четврток, 6 декември 2018 |

Надлежните го информираа Иванов за заканите и за ризиците со кои се соочува Македонија

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска одржа работен состанок со началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, командантот на Здружената оперативна команда, директорите и раководителите на државните органи надлежни за одбраната, безбедноста и разузнавањето и со националниот координатор за борба против тероризмот.

ivanov

 

Како што соопшти денеска Кабинетот на претседателот, надлежните органи го информирале Иванов за заканите и за ризиците кои се последица од регионалните кризи и конфликти, а со кои се соочува Република Македонија, како и за мерките кои се преземаат за превенција и соочување со нив.

На средбата било истакнато дека субјектите на системот за национална безбедност, согласно со акцискиот план за превенција и соочување со влез и транзитирање на емигранти низ територијата на Република Македонија на Главниот штаб на Центарот за управување со кризи, учествуваат со мерки и со активности за заштита и соочување со актуелната кризна состојба зафатена со бранот на илегална миграција, која доаѓа од територијата на држава­-членка на Европската Унија.

Надлежните институции го информирале македонскиот претседател дека покрај ангажирањето на дел од армиските и полициските единици за надзор на државната граница и задачите кои произлегуваат од стратегискиот одбранбен преглед, службите разменуваат и добиваат податоци од странски партнери од ЕУ и НАТО и од државите во регионот, а со цел да се идентификуваат ризиците кои произлегуваат од илегалната миграција: трансфер на странски терористички борци, спречување на дејствување на организирани криминални мрежи кои се олеснувачи во помагање и шверцување на безбедносно ризични лица без документи или со фалсификувани документи, проверка на идентитетот на странските државјани и идентификација на лица кои учествувале во воени дејствија во кризните региони.

На работниот состанок воедно биле извршени безбедносни консултации поради потребата за промена на поставеноста на субјектите во системот за национална безбедност и нивната надлежност, потреби од материјалната, кадровската и техничката опременост за соочување со заканите и ревизија на механизмот за извршна контрола над работата и примената на мерките од службите. ­

– Заканите со кои се соочуваме ја наметнуваат потребата од зголемена комуникација и соработка меѓу службите, навремен и превентивен одговор, и поголема транспарентност во работата на системот на контрола во Собранието и институциите, истакнал на средбата претседателот Иванов.

На состанокот било дискутирано и околу можностите за развој на систем за одбрана со акцент на зголемување на капацитетите на специјалните сили и разузнавањето, како и развој на систем за информирање на субјектите надлежни за безбедноста и одбраната, кои ќе бидат дел од обврските во новата Стратегија за одбрана на Република Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top