Во текот на минатата недела, царинските службеници открија една царинска измама и повеќе обиди за шверцување, при што привремено се задржани девизи, облека, репроматеријали за текстилна индустрија, крос-мотор, автоделови, агрегат, цигари, хармоника, дијамантски дискови за брусење бетон, гасен пиштол и фалсификати.
Задржана е следната стока:
Девизи
– 19.090 евра, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на багажот и личен претрес на косовски државјанин, со регулиран привремен престој во Република Македонија, кој имал намера да отпатува со лет за Истанбул. Патникот пријавил дека со себе носи 12.000 евра, но при извршената контрола, во плик сместен во неговиот рачен багаж, биле пронајдени 19.090 евра, а во џебот од неговите панталони биле пронајдени уште 2.000 евра. Согласно со законските прописи, на патникот му биле вратени 2.000 евра, а за сторениот прекршок е поведена прекршочна постапка.
– 2.000 евра, откриени кај македонски државјанин кој, како патник во македонски автобус што сообраќа на релација Битола – Истанбул, се пријавил за излез од државата, на граничниот премин Меџитлија. Патникот пријавил дека со себе носи 4.000 евра, за што приложил потврда издадена од банка на 19.08.2015 година, но при извршена проверка во електронската евиденција на МВР било констатирано дека патникот остварил излез од државата на денот кога била издадена потврдата, со што се смета дека истата била искористена и е неважечка. Согласно со законските прописи на патникот му се вратени 2.000 евра, износ што слободно може да се изнесе од државата, а за сторениот прекршок ќе биде поведена прекршочна постапка.
Облека и репроматеријали
– 360 парчиња машка долна облека, откриени при контрола на албански автомобил, управуван од албански државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Непријавените производи, пронајдени под патосниците пред предните и на задните седишта на возилото, се привремено задржани, а против прекршителот е поведена прекршочна постапка.
– 113 парчиња женска, машка и детска долна облека, откриени при контрола на косовски автомобил, со кое за влез во државата, на граничниот премин Блаце, се пријавиле двајца косовски државјани. Непријавените текстилни производи се пронајдени во две најлонски вреќи, сместени во багажникот на возилото. Стоката е привремено задржана, а против прекршителот ќе биде поведена прекршочна постапка.
– 143 килограми репроматеријали за текстилна индустрија, откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на двајца турски државјани кои допатувале со ист лет од Истанбул. Кај едниот патник биле пронајдени 32 макари лента со лепенки со маса од 26 килограми, 61 макари тенко предено јаже со маса од 72 килограми и 12 макари самолеплива лента со маса од 6 килограми, додека кај вториот патник се пронајдени 15 макари лента со етикети со маса од 6 килограми, 7 макари со тенко предено јаже со маса од 7 килограми и 26 килограми ластик.
Непријавената стока е привремено задржана, а против прекршителите се поведени прекршочни постапки.
Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектулна сопственост
–1.402 парчиња облека (тренерки, блузи, долна облека и чорапи) и 1.320 светилки за автомобили со ознаки на заштитени трговски марки, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на разна стока со потекло од Турција, наменета за фирма-увозник од Струмица, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Скопје 1. Вредноста на стоката, доколку би се продавала како оригинал, е проценета на преку 1 милион денари. Поради основано сомневање дека стоката повредува права од интелектуална сопственост, истата е привремено задржана и ќе биде започната постапка за утврдување на нејзината оригиналност.
Крос-мотор, агрегат и автоделови
– 1 крос мотор „полини“ и 1 нов агрегат од марката „хулкенбергохв 7000“, откриени при контрола на италијанско патничко комбе, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата, на граничниот премин Табановце автопат. Моторот и агрегатот биле сокриени зад предните седишта, прекриени со торби, кеси и личен багаж на возачот. Непријавените производи се привремено задржани, а против прекршителот е отпочната соодветна постапка.
– 4 спојници за тркала и една водна пумпа за автобуси, откриени на граничниот премин Меџитлија, при контрола на автобус со странски таблички, пријавен за транзит кон царинската испостава Струга, каде требало да се изврши увозно царинење. На прашање на царинските службеници, возачот, македонски државјанин, изјавил дека нема што да пријави за царинска контрола, но при извршениот преглед на внатрешноста на автобусот, во една кутија и во една кеса, сместени на седиштата, се пронајдени непријавените делови. Стоката е привремено задржана, а против прекршителот ќе биде поведена прекршочна постапка.
Цигари
– 7 пакети цигари „сумер“ без акцизни маркички, откриени при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата, на граничниот премин Делчево. Цигарите се пронајдени во црна кеса сместена во просторот околу моторот на возилото.
Непријавените цигари се привремено задржани, а против прекршителот ќе биде поведена прекршочна постапка.
Останато
– 1 хармоника од марката „балонебурини“, откриена на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патните торби на српски државјанин, кој допатувал со лет од Дортмунд. Непријавената хармоника е привремено задржана, а против прекршителот е поведена прекршочна постапка.
– 17 дијамантски дискови за брусење бетон со пречник 100, 180 и 300 мм, откриени при контрола на македонски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата, на граничниот премин Делчево. Дисковите се пронајдени во багажниот простор и под патосниците под предните седишта на возилото.
– 1 гасен сигнален пиштол од марката „зораки“, модел 911 со калибар 9 мм, со 5 куршуми во рамката, откриени при контрола на бугарски автомобил, управуван од македонски државјанин, пријавен за излез од државата, на граничниот премин Деве Баир. Пиштолот, пронајден во преградата за документи што се наоѓа пред совозачкото седиште на автомобилот е привремено задржан, а против прекршителот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
Измама
Службата за надзор на иматели на одобренија при царинарница Куманово откри еден обид за пуштање во слободен промет на стока увезена заради облагородување, без претходно да бидат платени увозни давачки.
При теренска контрола на фирма од Куманово, имател на одобрение за увоз за облагородување, во магацинот за основен и помошен материјал е откриен недостаток од 377,23 квадратни метри говедска кожа со вредност од околу 474 илјади денари, што претходно биле привремено увезени со 5 царински декларации.
Имателот на одобрение за увоз за облагородување доставил изјава со која не се согласува со наодот од извршената контрола, давајќи објаснување дека наведената количина на говедска кожа е употребена во производство на готови чевли, за чие производство била испратена оштетена кожа, но не доставил документи за идентификација на кожата, документи за издавање на количината од 377,23 квадратни метри говедска кожа и докази во кои артикли е употребена истата, поради што забелешките не се прифатени и се смета дека стоката е пуштена во слободен промет без плаќање на увозни давачки.
Согласно со Царинскиот закон, за констатираните неправилности ќе биде изготвен Записник за царински прекршок за правното лице и за одговорното лице во правното лице, Записник за царински прекршок за стоката која не е пронајдена во магацинот за основен и помошен материјал, како и предлози за дополнително евидентирање во сметководствена евиденција на избегнатите увозни давачки во износ од околу 158 илјади денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.