| четврток, 6 декември 2018 |

Лозарите ја почнаа бербата, задоволни се од цената на грозјето

grozje1Во тиквешкиот регион почна бербата на најзастапената црна сорта грозје „вранец”. Откупот се одвива на повеќе пунктови на винарските визби, а наскоро се очекува да почне и бербата на најзастапената бела винска сорта – „смедеревка”, пишува Лидер.

-Полека почнува масовната берба и засега нема проблеми на терен, изјави претседателот на Регионалниот сојуз на лозарите „Агротиквешија“, Љупчо Аризанов.

Годинава се очекуваат повеќе од 180 милиони килограми винско грозје или повеќе од 250 милиони, вклучувајќи го и трпезното грозје. Одличните временски услови кои оваа година им беа во интерес, ќе донесат рекорден квалитет на грозјето. Тоа значи дека берата ќе биде една од најдобрите во последните неколку години и ќе резултира со рекордни откупни цени. Дополнително точно утврдената цена од 0,68 денари за шеќерна единица за пресметка на откупната цена на вранецот и 0,64 за смедеревката, ќе овозможи реално да се цени квалитетот. Лозарите кои годинава ќе произведат квалитетно грозје може да очекуваат цени за три до четири денари повисоки од минималните договорени. Тие сметаат дека со ова конечно ќе се исправи неправдата која со години им се нанесува. Производителите на грозје неколку дена пред почетокот на бербата велат дека ова ќе биде одлична берба, и се надеваат дека винарските визби ќе ги почитуваат правилниците за откуп и оваа година откупот ќе помине без никаков проблем.

grozdober11Министерството за земјоделство ја утврди минималната цена за откуп на сортата грозје „вранец“ со 19 шеќерни единици да биде 13 денари за килограм. Покрај тоа, договорена е и цена од 0,68 денари по шеќерна единица, која ќе се користи при пресметка на откупна цена за сортата вранец во случај кога производителите на грозје ќе предадат грозје со повисока или со пониска вредност од 19 шеќерни единици.

Минимална цена, пак, за откуп на сортата смедеревка со 17 шеќерни единици ќе биде 11 денари за килограми и 0,64 денари по шеќерна единица, која ќе се користи при пресметка на откупна цена во случај кога производителите ќе предадат грозје „смедеревка“ со повисока или со пониска вредност од 17 шеќерни единици.

-Оваа година за прв пат е утврдена цена за шеќерна единица што значи дека ќе се исправи неправдата која со години им се нанесуваше на лозарите. Со оглед на тоа што временските услови оваа година беа одлични и се очекува рекордно висок квалитет, можеме да очекуваме рекордни откупни цени, вели Љупчо Аризанов од Регионалниот сојуз на лозари „Агротиквешија“.

Тој вели дека цената на „смедеревката“ може да достигне и до 14 денари за килограм, односно за три денари повеќе од минималната.

– Се надеваме дека сѐ ќе биде во ред и дека винарските визби ќе ги почитуваат откупните цени и ќе откупуваат во согласност со квалитетот. Очекуваме поголема контрола од земјоделскиот инспекторат за да се спречат навреме евентуални неправилности – потенцира Аризанов.

Според првичните процени, тој вели дека од домашните винарии ќе се бара килограм грозје повеќе, а веќе има најави за зголемена побарувачка и од соседните пазари, пред сѐ од Србија, каде што завршува голем дел од домашното грозје.

Од Министерството за земјоделство информираа дека сите откупувачи на грозје и на винарски визби, откупните цени согласно со договорените минимални цени и цените по шеќерна единица ќе ги истакнат на видно место на своите откупни пунктови.

-Цената на винското грозје од т.н. висококвалитетни сорти во секој случај ќе биде повисока од договорените цени за сортите „вранец“ и „смедеревка“ и ќе се утврдува во договор помеѓу производителите на грозје и откупувачите – винарските визби, соопшти МЗШВ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top