Во првото коло на Европското првенство во кошарка што се игра во четири земји (Франција, Германија, Хрватска и Летонија) беа одиграни вкупно 12 натпревари.
Првото коло мина без поголеми изненадувања со еден вистински шлагер меч, оној меѓу Србија и Шпанија во групата Б што се игра во Берлин.
Избраниците на српскиот селектор Александар Ѓорѓевиќ на најдобар начин покажаа зошто се едни од главните фаворити за освојување на европската титула оваа година. Србија беше поуспешна од „Црвената фурија“ со 80-70. Бјелица, Теодосиќ, Недовиќ и другарите, одиграа маестрален натпревар и во ниту еден момент не потклекнаа под притисокот и имепративот победа бидејќи се актуелни светски вицешампиони.
Блескаше новиот првотимец на Минесота Немања Бјелица кој ја потврди својата класа на двете половини од теренот и со 24 постигнати поени беше најзаслужен за победата на Србите. Кај Шпанците најдобар беше Пау Гасол со 16 постигнати поени.
Во истата група домаќинот Германија без поголеми проблеми славеше победа над Исланд со 71-65. НБА-ѕвездата Дирк Новицки одигра стандардно добар натпревар водејќи ја својата репрезентација до победа со 15 поени.
Третиот и последен натпревар одигран во вечерниот термин донесе и најмногу возбудувања. Фаворитот на хартија Италија загуби минимално со 89-87 од Турција. Ниту 33-те поени на Галинари не беа доволни за победа на Италија во воведниот натпревар од Евробаскетот. Турција славеше заслужено прикажувајќи колективна игра, а се извои Ерден со 22 коша.
Во групата А Франција на домашен терен се намачи со аутсајдерот Финска и мораше да игра дополнителни пет минута за да слави со 97-87. Во текот на целиот меч „Триколорите“ водеа со двоцифрена разлика, но во финишот од регуларниот дел се опуштија и му дозволија на противникот да го израмни резултат. Сепак во продолжението од пет минути се си дојде на свое место и Паркер и другарите освоија значајна победа за подигнување на самодоворбата во тимот кој важи за главен фаворит за освојување на златниот медал на овој Евробаскет. Паркер постигна 23 поени, а солидна партија пружија и Батум и Де Коло со по 16 коша.
Во останатите два натпревара, Полска славеше со 68-64 над Босна, а Израел го изненади составот на Русија победувајќи со 76-73.
Во групата Ц што се игра во Загреб без изненадувања завршија сите три меча. Грција ја совлада Македонија со 20 коша разлика (85-65). Македонија успеа да води само ви почетните две минути, а потоа Грците ја преземаа играта во свои раце наметнаа силно темпо во одбранта и под двата коша и заслужено славеа победа.
Нашиот следен противник Холандија славеше минимално со 73-72 против Грузија и со евентуална победа утре може да се надева на пласман во следната рунда иако се работи за репрезентација која 25 години не успеала да се квалификува на европските шампионати.
Соседското дерби меѓу Хрватска и Словенија заврши со победата на „коцкестите“ од 80-73. Словенците одиграа добар натпревар и вистински го намачија фаворитот кој беше без пораз во подготвителниот период и се наметна како фаворит од сенка за освојување на медал. Хрватите отпорот на противникот го скршија во второто полувреме кога избраниците на Перасовиќ за нецели пет минути игра п зарвпата поведоа со двоцифрени (55-45), разлика што ја контролираа до самиот крај, не дозволуваќи му на противникот да внесе неизвесно, за конечна победа од 80-73. Најефикасен беше Крунислав Симон со 20 коша.
Во последната група Д фаворитот за првото место репрезентацијата на Литванија се намачи со денешниот противник, Украина победувајќи минимално со 69-68. Во самиот финиш од мечот Украинците кои во еден момент губеа и со двоцифрена разлика, направија пресврто и поведоа со еден кош. Сепак во последните моменти Литванците постигнаа кош и стигнаа до победата.
Во останатите две средби, домаќинот Летонија без проблеми ја победи Белгија со 78-67, а Чешка ја декласираше Естонија со 80-57 иако на моменти имаа и повеќе од 30 коша разлика.
Резултати прво коло:
ГРУПА А: Полска – БиХ 68-64, Израел – Русија 76-73, Франција – Финска 97-87 (по продолжение).
ГРУПА Б: Германија – Исланд 71-65, Шпанија – Србија 70-80, Италија – Турција 87-89.
ГРУПА Ц: Грузија – Холандија 72-73, Македонија – Грција 65-85, Хрватска – Словенија 80-73.
ГРУПА Д: Чешка – Естонија 80-57, Летонија – Белгија 78-67, Литванија – Украина 69-68.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.