| четврток, 6 декември 2018 |

Бојкотот опасна лекција за сите

nenad mircevski2

Ненад Мирчевски

1.
По петнаесет месеци земање плата, опозициските пратеници се довлечкаа на работа во Собранието. Колку и да смета некој дека проблемот е завршен, а глупоста заборавена, мора да има предвид дека преседанот на СДСМ сериозно е на пат да стане практика невидена и најстрого осудувана во демократскиот свет. На првиот работен ден, пратениците од опозицијата, прво што направија, упатија закана дека за две недели може повторно да го продолжат бојкотот. Сега имаат нов услов, ново барање, нова уцена… Опасноста не е само во можноста бојкотот да стане алатка на Заев и компанија за предизвикување штета на државата додека им е ќеф (и никој да не им може ништо), туку и во самиот факт дека утре истото може да го направи која било друга парламентарна партија која ќе има лидер од калибарот на „црпнатиот од Муртино“. А тогаш, барањата може да бидат многу поопасни не само за демократијата, туку и за опстанокот на државата.

Мора да се признае дека дел од одговорноста за несериозното однесување на опозициските народни претставници е и на пратениците од владејачкото мнозинство кои мораа строго да ги почитуваат законите и да им ги одземат мандатите во законски предвидените рокови. Како и да е, опозиционерите мораат да имаат предвид и дека оваа „реформа“ во политичкото дејствување на нашата земја, оди на душа на социјалдемократите. Новитетот, сакале тие или не, во април ќе биде оценет од народот заедно со сѐ останато „сработено“ од страна на СДСМ во последните две години.

2.
Околу враќањето на СДСМ во парламентот се наметнува уште една дилема. Дали враќањето во собранието значи дека Заев сега ги смета за легитимни резултатите од минатогодишните избори? Или, и покрај „нелегитимните избори“ лидерот на опозицијата прифати да се појави во законодавниот дом со 33(???) пратеници? Ако Заев не ги признава резулатите, тогаш зошто не дојде во придружба на 62 пратеника од СДСМ? Така веднаш ќе имаше мнозинство. Можеби ќе формираше и влада… Или пак со онолку колку што сметаат самите дека освоиле на последните избори? Не слушнавме да се произнесе ни тој ни некој од неговите соработници од каде овие луѓе црпат легитимитет да седат во собраниските фотелји?

3.
Во тек е ценкање за специјален обвинител. Условот е „или по мерка на Заев, или повторно бојкот“. Каков обвинител бара тој? Некој што ќе го затвори раководството на ВМРО-ДПМНЕ пред изборите, за да може конечно да победи на избори без противник?

Не слушнавме дека во име на неговата демократија која ќе сме ја доживеале како ренесанса по „соборувањето на режимот“, бара специјалниот обвинител да ги гони криминалците, туку само вмровците. Кога веќе се воведува „специјален обвинител“, тој мора да има ингеренции да гони криминалци меѓу сите политичари, без разлика дали се дел од власта или од опозицијата. Не смееме да дозволиме и понатаму да се брани секој криминалец симпатизер или член на СДСМ без разлика на доказите и на тежината на делото. Не дај Боже полицијата да реши да го уапси Заев, брат му Вицето, некој од неговото семејство, кираџиката Шекеринска, или пак некој нивни деловен партнер… уште во истиот момент тоа ќе биде презентирано во јавноста како удар врз демократијата, без некого да го интересира дали е вистина или не. Јавна истрага, пак, не доаѓа предвид за нив. Ако опозиционерите сега се заштитени како бели мечки, што треба да очекуваме од нив ако еден ден станат власт?

4.
Кога сме кај специјалниот обвинител и корумпираното судство… Никаде не слушнавме дека ослободувањето на првоосомничениот од случајот „Пуч“, Зоран Верушевски, е поставено од Заев како услов за што било… Прашањето е зошто? Верува дека Верушевски е виновен или важно му е само да си ја спаси својата кожа? Зарем Заев повторно „го заборави“ човекот „што се одважил да помогне со љубов кон татковината“? На „заслужните за враќање на слободата и демократијата“ лидерот на СДСМ им купува коли за во странство или за до затвор?

5.
Опозицијата се обидува да го претстави бојкотот како успех преку кој успеале да издејствуваат предвремени избори. Да не е трагично, би било смешно. Истите оние што бегаат од соочување со граѓаните како ѓавол од крст и што сакаа да се инсталираат на Илинденска ББ преку насилства и поддршка од надворешни центри на моќ, сега изигруваат кловнови убедувајќи ја јавноста дека има меморија на риба. Само за потсетување: Ако СДСМ сакаше избори, досега ќе ги имавме. Ако опозицијата навистина ја имаше поддршката од народот, оваа власт сега ќе беше минато. Заев ќе можеше слободно да бира не само специјален обвинител туку и напомош да го викне „судијата Дред“.

Уште поважно, кое не смее да се заборави, е фактот дека целата криза што ја предизвика СДСМ ќе ја немаше ако не беше поддржана од надворешни центри на моќ и од неколку западноевропски амбасадори кои сметаат дека се доволно моќни да менуваат власт на една држава кога тоа ќе им се посака.

Без нив Заев ќе немаше ниту бомби, ниту ќе имаше услови да се случи Куманово.  Едноставно, Заев досега ќе беше надвор од политиката, таму каде што му е местото.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top