Со поддршка од Министерството за култура, на археолошкиот локалитет Стоби во тек се конзерваторско-реставраторски работи на мозаикот од нартексот на Епископската базилика (базилика на епископ Филип), кој датира од раниот 6 век. Мозаикот со вкупна површина од 82 квадратини метри е еден од најубавите мозаици откриени во Стоби, на кој во осум квадратни полиња се претставени зооморфни претстави комбинирани со геометриски мотиви, изведени со разнобојни камчиња. Проектот претставува продолжување на конзервацијата на мозаикот од нартексот на Епископската базилика, која почна со неговото отстранување од оригиналната позиција во 2012 година. Во моментот се врши чистење, консолидирање и леење на нова варова подлога на различните фрагменти, по што тие се фиксираат на носач од алуминиумско саќе. Со финализирање на работата, вгодина, мозаикот ќе биде подготвен да се врати назад на оригиналната позиција во базиликата.
Во изминатиот период, на археолошкиот локалитет Стоби, во целост беше завршен и проектот за конзерваторско-реставраторски работи на мозаикот во Старата епископска базилика, кој е најголемиот досега познат поден мозаик во Македонија.
Исто така, стручен тим од овластени конзерватори на локалитетот Стоби работи и на конзервацијата и реставрацијата на театарот. Со завршувањето на археолошките истражувања во источната половина на централниот циркуларен коридор, се отвори можноста за конзервирање на двата ѕида кои го формираат коридорот, како и за реставрација на оштетувањата на сводот. Конзерваторските активности се започнати и во моментот се консолидираат циркуларните ѕидови. Централниот циркуларен коридор на театарот е дел од системот за движење на публиката и има импресивна височина од околу шест метри, додека неговата широчина е 2,5 метри. Источната половина на коридорот, која е предмет на годинешните археолошки истражувања и конзервација е долга околу 40 метри.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.