| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ прави сѐ да го избегне договорот од Пржино

zaev-pres-9

Не е прв пат Зоран Заев да бара начини како да избега од договорот во Пржино, а со самото тоа тој верува дека ќе ги избегне и изборите на 24 април следната година од кои и најмногу се плаши поради нискиот рејтинг што го има и тој и неговиот СДСМ и извесноста од пораз на тие парламентарни избори. Вака експертите ја коментираат изјавата на лидерот на опозициската СДСМ дека доколку во определениот рок не се назначи специјален обвинител, договорот од Пржино нема да важи за неговата партија. Познавачите предупредуваат дека е за очекување и Заев и неговиот преговарачки тим да направат се ако се во можност да го нарушат договорот, да имаат нереални барања и тоа да го користат како повод за бегање од избори.

Колку што можеме да дознаеме досега од преговорите, преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ е крајно конструктивен и прави се да се дојде до договор. Спротивно на тоа, СДСМ прави се да не се постигне тој договор. Но, да се потсетиме дека тој договор од Пржино не е само помеѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА и не се само нивните лидери на партии и партиите гарант на тој договор, туку позади тој договор стојат потписите и на претставниците на ЕУ и на САД преку нивните овластени амбасадори во Република Македонија. Цврсто сум уверен дека тие ќе направат се, затоа што се вклучени во овие преговори, заедно со останатите три чинители, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА, да се реализираат договорените работи од Пржино и завршно како резултат на сето тоа да се направат услови на 24 април следната година граѓаните да излезат и го дадат својот глас за онаа политичка опција во која веруваат, вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.

По заканата на Зоран Заев дека тој и неговата партија нема да го испочитуваат договорот што во јули го потпишаа лидерите на четирите најголеми политички партии во Република Македонија со посредништво на претставници на ЕУ и САД, и Брисел ги потсети Заев и СДСМ на обврските од договорот од Пржино.

Не е вообичаена практика на Европската комисија да ги коментира изјавите дадени од страна на поединци, одговорија од Европската комисија на прашањето на Вечер дали лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, ги информирал дека доколку во определениот рок не се назначи специјален обвинител, договорот од Пржино нема да важи за неговата партија.

Портпаролката на еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика Јоханес Хан, Маја Коцијанчич потенцираше дека расправата за ова прашање е во тек и предупреди дека Европската комисија очекува страните да продолжат со имплементирање на нивните обврски.

– Еврокомесарот Хан одблиску ги следи случувањата во земјата и очекува значителен напредок во следните неколку дена, во согласност со договорената временска рамка, рече Коцијанчич.

Претходно ЕУ го поздрави враќањето на опозицијата во Собранието, што е според договорот од 2 јуни и протоколот од 15 јули. Официјален Брисел, исто така, испрати порака дека многу одблиску го следи развојот на настаните и очекува прогрес во однос на изборот на специјалниот обвинител, чиј краен рок е за две недели.

Европската комисија во неколку наврати потенцира дека роковите за избор на специјален обвинител, како и на министри во македонската Влада што ќе ги предложи опозициската СДСМ, заклучно со одржувањето на предвремените парламентарни избори на 24 април 2016 година, се јасни и прецизни и не смее да се пробиваат од ниту една од четирите партии (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА), чии лидери го потпишаа договорот на 2 јуни и 15 јули, со кој се стави крај на политичката криза во Македонија.

Вчера и членот на Европскиот парламент и претседавач со делегацијата на Парламентарниот комитет за Република Македонија, Алојз Петерле го поздрави враќањето на опозицијата во македонското Собрание. Петерле исто така ги потсети главните политички лидери да го почитуваат политичкиот договор постигнат во јули, како и постојната институционална рамка.

Го поздравувам враќањето на главната македонска опозициска партија во Собранието што претставува суштински чекор кон политичка нормализација на земјата согласно договорот постигнат меѓу главните политички партии. Целосното воспоставување на работата на Парламентот ќе ја смести политичката дискусија во земјата во рамки на соодветниот институционален контекст со што ќе се стави крај на повеќемесечниот политички ќорсокак и ќе овозможи прогрес за клучните политички прашања, вклучувајќи ја и европската перспектива на земјата, вели Петерле во пишаната изјава.

Во согласност со Договорот од Пржино, пратениците од СДСМ во вторникот на 1 септември се вратија на своите работни места во Собранието. Но, уште невлезени внатре, лидерот на најголемата опозициска партија наместо да најави како ќе делува пратеничката група и на што ќе се фокусира во наредниот период, почна да најавува дека ќе ја оспори важноста на Договорот од Пржино.

– Прва обврска од договорот е специјален обвинител да се избере до 15 септември. Ова мора да се реализира. Во спротивно договорот нема да биде валиден, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференцијата што се одржа пред Собранието, а со која беше одбележано враќањето на опозицијата во Парламентот.

Пратениците од СДСМ не учествуваа во работата на Собранието, откако по завршувањето на парламентарните избори во април лани, претседателот на партијата Зоран Заев објави дека не ги признава изборните резултати.

(Извор:Вечер)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top