Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска денеска го посети Македонскиот народен театар (МНТ), каде во моментов се подготвуваат две претстави: „Прекината Одисеја“ и „Мајсторот и Маргарита“.
„Прекината Одисеја“ е работниот наслов на театарскиот копродукциски проект меѓу МНТ и театарот „Хелена Моджевска“ од Легнице, кој е еден од петте најзначајни театри во Полска. Режисер е Јацек Гломб, а драматурзи се Загорка Поп Антова Андоновска и Роберт Урбански.
Во претствата ќе играат 15- ина актери од Македонија и исто толку од Полска.
– Ова е многу значајна претстава за егзодусот на децата-бегалци од Егејскиот дел на Македонија. Претствата се планира да биде завршена следната година, а ќе имаме можност да ја понудиме во рамките на манифестацијата „Вроцлавевропска престолнина на културата за 2016 година“, покрај другите проекти што ќе бидат предложени од Македонија – рече Канческа Милевска.
Таа очекува проектот да има голем успех. Според неа, овој проект може да биде претставуван и пошироко, затоа што, како што рече, тематиката нѐ поврзува со голем број европски држави.
Министерката за култура погледна и дел од претставата „Мајсторот и Маргарита“ од Булгаков, во режија на Иван Поповски, која е во годишната програма на МНТ. Претставата интензивно се подготвува, а премиерата се очекува да биде во втората половина на октомври.
– МНТ има одлична програма за оваа година. Нѐ очекува и премиерата на „Чикаго“, првиот мјузикал со лиценца во Македонија, како и други претстави. Од отворањето на театарот, за неполна година и пол имаме одлични резултати, огромна посетеност, изведени се преку 350 претстави и 11 премиери – рече КанческаМилевска. Потсети дека ја поддржуваат театарската дејност и додаде дека во МНТ се одржува и Меѓународниот театарски фестивал.
Режисерот Гломб оцени дека проектот е многу интересен бидејќи го работат двајца драматурзи, македонски и полски, кои ќе ги изнесат своите различни погледи на светот. Додаде дека често подготвуваат претстави кои говорат за проблемите на локалното население во Легнице и околу него.
– Кога се работи чесно, театарот е медиум што секогаш ги поврзува луѓето, а не ги дели. Иако нашите погледи честопати се разликуваат и во времето и во просторот, верувам дека претставта ќе овозможи да ги приближиме и да ги најдеме заедничките основи на таа приказна што ќе ја правиме – рече Гломб. Додаде дека овој проект ја доби поддршката на македонското и на полското Министерство за култура.
Загорка Поп Антова Андоновска смета дека ова е исклучително значаен театарски проект, копродукција меѓу два града, две држави кои се директно вмешани во приказната на македонските деца-бегалци.
– Оваа копродукција ќе направи едно ново препрочитување на историјата, што е исклучително важно. Да се потсетуваме низ една позитивна перспектива на нештата и да ја потенцираме блаконаклонетоста на полската држава и сесрдноста со која се пречекани и прифатени таму децата-бегалци. Структурата на текстот е од два автора, од два дела, а на крајот, сепак, тоа ќе биде заедничко дело – потенцира Поп Антова Андоновска.
Според полскиот драматург Урбански, се работи за една прекрасна приказна, за тоа како можеме заемно да си помогнеме, па дури и во најтешките ситауции. - Тоа е приказна за тоа како си подадовме рака во најтешките моменти, кога си требавме едни на други и за тоа дека доброто е возможно на овој свет. Светот не е толку лош како што ние понекогаш мислиме – рече Урбански.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст