Пред околу половина час утрово од железничката платформа кај прифатниот пункт за мигранти од Гевгелија кон Табановце замина првиот специјален воз со околу 500 бегалци кои беа пристигнати во текот на ноќта.
Според информациите од железничка станица во Гевгелија, денеска кон северната граница треба да заминат три воза. Следниот по околу еден час ќе биде поставен на платформата кај прифатниот камп.
Во текот на изминатото деноноќие, со четири специјални возови од Гевгелија до Табановце транзитирале околу 2.200 мигранти. Бројот на возови и распоредот на нивно тргнување се утврдуваат според потребите на прифатниот камп.
Проценките на УНХЦР велат дека вчера низ земјава транзитирале околу 3.000 мигранти, затоа што покрај возовите од Гевгелија кон Табановце заминале уште десетина автобуси и исто толку такси возила.
Од меѓународниот Црвен крст велат дека неопходната медицинска помош им се дава на сите мигранти на кои им е неопходна. Според нивна евиденција, најмногу мигранти доаѓаат од Сирија, но во последно време се повеќе ги има и од Ирак, Иран, Авганистан, Пакистан, Бангладеш,Сенегал и Конго.
Како куриозитет вчера во кампот во Гевгелија било евидентирано и едно малолетно лице од Шпанија.Многу фирми од земјава и понатаму донираат храна и вода за бегалците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.