Министерот за одбрана Зоран Јолевски, началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски и Командантот на ЗОК на АРМ бригаден генерал, Васко Ѓурчиновски, денеска ги посетија припадниците на АРМ кои се ангажирани за асистенција на Граничната полиција на јужната граница на Република Македонија со Република Грција.
Јолевски и Величковски беа запознаени со состојбата на теренот, соработката и координацијата со останатите надлежни институции и локалната самоуправа, како и со практичното извршување на задачите за спречување на илегален премин на граничната линија од страна на емигрантите.
– Главна цел ни е да им дадеме помош на државните институции, односно на граничната полиција на МВР во поглед на соочувањето со овој голем наплив на емигранти. Армијата помага во канализирање на емигрантите да влегуваат низ еден дел во Македонија каде што имаме Центар за регистрирање каде што се земаат податоци на лицата кои влегуваат во Македонија и потоа организирано се транспортираат на нашата северна граница – истакна Јолевски.
Тој информира дека емигрантите влегуваат во групи од по 200 луѓе, се евидентираат и се упатуваат со воз. Доколку има поголем наплив на емигранти се организира и превоз со автобуси.
– Бев информиран од командантот на Оперативниот центар дека постои координација со грчката страна, односно градските власти информираат за движењето на емигрантите за да бидеме подготвени и ние на македонска страна. Засега сме добро организирани и се надевам дека така ќе продолжи – истакна Јолевски.
На прашање за временото ангажирање на АРМ, министерот Јолевски рече дека со Одлуката на врховниот командант за прогласување вонредна состојба, АРМ ќе биде ангажирана 30 дена.
– Доколку има потреба, и врз основа на проценките кои ќе се направат помеѓу АРМ, МВР и другите институции, може да се продолжи ангажманот на војската, но за тоа е потребно и одлука од Собранието на РМ, додаде Јолевски.
Претходно Јолевски, Величковски, Ѓурчиновски и амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, на Армискиот полигон „Криволак“ ги посетија припадниците на декларираната чета на Воената полиција од составот на баталјонот на ВП на АРМ и припадниците на Воената полиција од Армијата на САД, кои ја изведуваа билатералната воена вежба „Операцијата Фаланкс – Македонија“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.