Собранието на Република Македонија е место каде се пресекуваат проблемите со кои се соочува државата, исто како и успесите. Затоа треба да се вообличи концепт и сите да манифестираат подготвеност да се решаваат проблемите. Собранието е срцевината на парламентарната демократија, која е основа на поредокот на државата. Натамошното јакнење на нејзините темели е најважна задача на овој дом на македонските граѓани, порача денеска претседателот на Собранието на Република Македонија,.Трајко Вељаноски, на одбележувањето на соработката меѓу Парламентот и фондацијата за демократија Вестминстер.
Истакна дека управувањето со државата е одговорност која им припаѓа на владејачките партии, но, како што посочи, не е помала одговорноста и да се биде опозиција.
– Заради тоа доаѓањето на опозицијата во овој дом треба да се доживее како израз на таква одговорност и тоа ќе му даде полна смисла на македонскиот парламент, потенцира Вељаноски.
Како прв меѓу еднаквите, се обврза на соработка со сите за, како што рече, остварување на заедничката цел – демокрстка и економски развиена Македонија.
– Имаме обврска пред народот како политичари од сите бои да си поддадеме рака на единство. Да покажеме дека претставниците на народот промовираат единство и дијалог, а не конфликти и расправии. Да бидеме едно кога се работи за Македонија – рече претседателот на македонскиот парламент.
Македонија, рече Вељаноски, се соочувала и ќе се соочува со проблеми кои сум убеден дека ќе ги реши. Како и во животот, велиме дека никој не добива потежок товар од оној што може да го носи – истакна Вељаноски, и додаде дека и власта и опозицијата достоинствено треба да го носат товарот на одговорноста што ја имаат и заедно да работ за доброто на Македонија.
Парламентот е срцето на демократијата, смета и амбасадорот на Обединетото Кралство во Македонија, Чарлс Гарет. Парламентот, според него, е срцето на македонската демократија кое пумпа крв во системот и носи кислород до виталните органи. Од оние што се избрани во парламентот, нагласува, не се очекува да отвораат изложби, туку да направат сѐ што можат во интерес на народот.
– Во таа смисла утре е многу важен ден. Со враќањето на парламентот во полна сила, крвта на демократијата може да почне повторно да циркулира. Политичкиот договор во Пржино не доведе до тоа кога беше потребна храброст и флексибилност од политичките лидери. Успешното враќање во парламентот утре ќе ја бара истата храброст и флексибилност од вас како пратеници – порача Гарет.
Македонија, смета координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ, Илија Димовски, сѐ уште е млада парламентарна демократија коа има наследство од еден еднопартиски систем во кој плурализмот, слободата на мислата, идеите и застапувањето на различните интереси, биле забранета димензија.
Ние, рече, сѐ уште имаме потреба да разбереме дека Собрание значи собир на различни луѓе, идеи, мисли и интереси. Треба да се научиме конечно, додаде Димовски, дека монополот на мислата и идејата и на одлуката во македонското Собрание не го носи никој, туку се носи врз база на утврдени правила и меѓусебна почит.
– Наша обврска е да прифатиме дека македонското општество никогаш повеќе нема да биде општество во кое ќе има центар на една мисла, одлука и на еден начин на постапување. Најзначајно е да прифатиме дека македонското општетво и Собрание е собир на плурализам, идеи и постапувања. Затоа, во таа насока почитувајќи го искуството на британскиот и другите претставнички домови да го изградиме македонскиот парламент – рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
На одбележувањето на оваа годишнина на соработката во македонскиот парламент присуствуваа и пратеници од опозицијата, и нивното враќање во парламентот официјално треба да биде утре.
За координаторот на пратеничката група на СДСМ, Рената Тренеска Дескоска, македонското Собрание веќе одамна, како што рече, не е дом на демократија и плурализам и коректор на власта, туку на извршители на она што таа треба да го спроведе.
За неа девалвацијата на парламентот почнала уште од 2008 година и кулминирала, како што рече, со исфрлувањето на опозицијата при носењето на буџетот и насилната верификација на мандатите на пратениците од опозицијата, иако тие доставиле изјави за неприфаќање на мандатите.
Смета дека сето ова довело до политичка и до правна криза, која не била решена со договорот од Пржино, туку, како што рече, создал само рамка за нејзино решавање.
– За целосно решавање потребно е рамката да се исполни со содржина, да се имплементира во предвидените рокови и да се создат услови за фер и за демократски избори, а потоа и системот да се реформира – рече Тренеска Дескоска.
Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Талат Џафери, пак, смета дека постигнатиот договор и она што како решенија произлегуваат од него треба да биде не само во согласност на двете партии од македонската етничка заедница, туку и на другите заедници за да не прерасне кризата од интраетничка во интеретничка.
Додаде дека по наредните избори треба да се прекине со практиката на предвремени избори и земјата да влезе во редовни изборни циклуси.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.