| четврток, 6 декември 2018 |

Една година од смртта на актерката Вера Вучкова

Star-Teatar - Vera-Vuckova
На денешен ден, минатата година, во 90-та година од животот, во Скопје почина актерката Вера Вучкова – Жежељ, една од членките на иницијалниот ансамбл на МНТ кој на 3 април 1945 ја одиграл својата прва претстава „Платон Кречет“. Во таа историска претстава, Вучкова ја изговори митската реплика „Сонцето! Колку е блиску сонцето!“ Родена на 24 август 1925 во Кнежа, Република Бугарија, Вучкова својата актерска дарба ја искажувала уште на училишните години. По матурирањето во Битолската гимназија (1944), и се приклучила на легендарната партизанска театарска група на АГИТПРОП, со која, во ноември 1944, стасала во штотуку ослободеното Скопје. Како и Петре Прличко, Илија Милчин, Тодор Николовски, Василие Поповиќ-Цицо, Димитар Ќостаров, Тома Владимирски, Крум Стојанов…, таа „природно“ влегла во Македонски народен театар, станувајќи една од неговите први актерки.

Со Милчин и Стојанов, Вучкова исполнила на уште една историска театарска мисија: во јуни 1947, учествувала во основањето на Областен македонски народен театар во Горна Џумаја/Благоевград. Играла носечки ролји во сите пет претстави што овој театар ги изиграл во својата единствена сезона 1947-1948. Кариерата ја продолжила во Бугарија, каде како првенка на театрите во Благоевград, Димитровград и Бургас, играла полни 16 години. Во 1964 се врати во Македонија, во ансамблот на МНТ, со кој настапувала и по пензионирањето во 1982. Својата последна МНТ-овска премиера ја одиграла на 3 април 1987, како Цонка во обновената постановка на „Чорбаџи Теодос“. Во 2005 година, Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ на Вера Вучкова – Жежељ и додела награда за животно дело.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top