| четврток, 6 декември 2018 |

Лустрираните и натаму нема да можат да бидат функционери

lustracija
Лустрацијата утре заминува во историјата, но одредбите кои произлегуваат од законот ќе важат и натаму. Ова се предвидува со Дополнетиот предлог-закон за престанување на важење на Законот за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност, што беше изгласан неодамна во Собранието. Законот го поднесоа пратениците Илија Димовски, Талат Џафери, Рафис Алити и Антонио Милошоски.

Со Законот за престанок на нејзиното важење, предвидено е забраната за вршење на јавна функција за лустрираните да важи 5 години откако добиле правосилно решение. Мандатот на Комисијата за верификација на фактите ќе биде максимум 2 години, а нови предмети нема да се процесуираат.

Законот кој беше донесен со консензус на сите политички субјекти во 2008 година беше наменет за утврдување на соработка на лица со тајната полиција со која во поранешна Југославија се нарушувале човекови права, и ним им се забрануваше вршење на јавна функција. Потоа Уставниот суд укина 12 спорни членови од Законот, но во 2012 година Собранието донесе сосема ново законско решение со кое беше проширен опфатот на лица, но и на периодот на соработка кој беше продолжен до 2006 година.

Во рамки на процесот, лустрирани се вкупно 199 лица, некои од нив со правосилни одлуки, а за голем дел од преметите се водат постапки пред Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур. Проверени беа над 30 илјади лица. Меѓу лустрираните се и 35 лица кои повеќе не се живи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top