Се откриваат првите детали од истрагата во Австрија и во Унгарија за смртта на 71 бегалец кои беа пронајдени во четвртокот во камион на автопат во Австрија.
Камионот за мртвите бегалци бил пронајден блиску до Парндорф во близина на унгарската граница. Внатре биле пронајдени тела на 59 мажи, 8 жени и 4 деца од кои едно девојче од една до две години и три момчиња на возраст од 8 до 10 години.Истрагата се обидува да го открие идентитетот на жртвите преку нивни отисоци и ДНК како и забите. Нивните лица, вели полицијата, се тешко препознатливи бидејќи телата се пронајдени во напредната фаза на распаѓање. Отворена е и телефонска линија за да може лицата кои мислат дека помеѓу жртвите би можело да има нивни блиски да помогнат при идентификацијата.
Според првите информации на австриската полиција кај жртвите биле пронајдени сириски патни документи. Полицијата нашла и СИМ телефонски карти кои исто така ги проверува. Според унгарската полиција бегалците влегле во камионот во близина на унгарскиот град Кечкемет, а до Унгарија стасале преку Србија и веројатно Македонија. Во саботата беше извршена аутопсија на телата во Виена за да се утврди точниот час на нивната смрт. Извештајот на аутопсијата се уште не е објавен но според полицијата, јавува АФП, жртвите биле загушени и починале еден и пол или два дена пред нивните тела да бидат откриени.
Вратите на камионот биле заклучани и врзани со кабли. Жртвите биле легнати една врз друга на простор од 15 квадратни метри. Полицијата се обидува да открие дали системот на ладење на камионот дозволил да влезе воздух. Штетите во камионот покажуваат дека бегалците се чини се обидувале да излезат но полицијата вели дека овие траги се можеби постари и тоа допрва ќе се утврдува.
Камионот и припаѓал на една словачка фирма, имал унгарска регистрација и бил пријавен како сопственост на еден од четворицата уапсени од страна на унгарската полиција. Станува збор за тројца Бугари и еден Авганистанец. Полицијата мисли дека овие осомничени лица кои имаат 30 и 40 години, се само извршители на многубројните банди на шверцери со луѓе кои заработуваат десетици илјади евра од транспортот на бегалците кон Европа.
По завршувањето на аутопсиите жртвите ќе бидат погребани во близина на местото каде што биле пронајдени во Австрија.
Четворицата осомничени вчера беа изведени на суд во Кечкемет и се наоѓаат во притвор кој може да биде продолжен до 29 септември. Обвинителот побара четворицата осомничени да останат во притвор поради «посебната природа» на злосторството за кое се осомничени. Австрија би можела да побара нивна екстрадиција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Мигранти зеле дрва за огрев од затворено кафуле во Грција и оставиле 10 евра
-
Австрија ги отвора вратите за Македонците: Бара келнери, сметководители, ѕидари, касапи
-
Мексико ќе ги депортира мигрантите кои насилно се обиделе да влезат во САД
-
Опструкции на секој чекор: Граѓаните кои доаѓаа на протест стопирани на секоја патарина (галерија)