„Признанија за најуспешните“ во форма на плакети денеска беа доделени на 16 рудари номинирани од нивните работодавачи според достигнувањата во изминатата година на централната прослава на Денот на македонските рудари во рудникот „Бучим“.
Рударскиот сектор, според министерот за економија Беким Незири, е движечки во македонската економија. – Со учество од 1,5 проценти во БДП на земјата, во рударскиот и во придружните сектори што го опслужуваат, работно се ангажирани 13.000 лица, кои придонесоа за раст на производството минатата година од околу 10 отсто. И најновите статистички показатели се позитивни, односно прометот во индустријата во секторот „рударство и вадење камен“ во јуни годинава, во однос на јуни 2014 година, бележи пораст од 21,9 проценти, а индексот на индустриско производство во овој сектор, во јуни годинава, исто така, бележи пораст од 9,2 отсто, во однос на јуни минатата година, рече Незири на свеченоста.
Покрај 150-те рудници кои работат активно, во текот на годинава се доделени 15 концесии за детални геолошки истражувања и 35 концесии за експлоатација на минерална суровина.
– Со извршените измени на Законот за минерални суровини во поглед на усогласување со новата казнена политика, лично сметам дека ќе придонесеме за раздвижување на компаниите од рударскиот сектор и подобрување на условите за стопанисување, но и справување со нелојалната конкуренција“, истакна министерот за економија.
Потенцирајќи ја важноста на човечкиот потенцијал, кој работи во рудниците, рече дека рударите претставуваат бесценет човечки ресурс и порача оти сме должни да им обезбедиме што подобри услови за работа. Со цел да ги наградиме за нивната професионална предаденост и одговорност и оваа година им доделуваме пригодни плакети“, рече Незири, кој ги врачи плакетите на 16-те најуспешни рудари.
Заменик генералниот директор на БУЧИМ и претседател на Македонската асоцијација за рударство при Стопанската комора на РМ, Николајчо Николов, изрази задоволство што централната прослава на Денот на рударите се одржа во Бучим, во годината кога овој рудник ги одбележува своите два јубилеја – 35 години од работа на Бучим и 10 години работа на рудникот во состав на компанијата „Солвеј“.
– Во изминатиот период е остварен вкупен приход од 346 милиони евра, остварена е добивка од 54 милиони евра, исплатени се бруто плати од 37 милиони евра и концесиски надомест од 7,5 милиони евра. Во Бучим се вработени околу 700 работника, нето исплатена плата за 2014 година е 440 евра, а вкупните инвестициони вложувања се над 51 милион евра“, информираше Николов, додавајќи дека целокупната реализација е за извоз, а значителни суми се издвоени и за поедините фондови во општината и државата, што говори за важноста на овој рудник за економијата во Радовиш и поширокиот регион.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.