Едно од нив беше мерката државата да ги плаќа придонесите за замените на жените кои се на породилно отсуство. Само неколку дена подоцна, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов ја официјализира оваа мерка.
Овој проект предвидува поголема сигурност за работодавачите, жените на породилно отсуство и на нивните замени.
Во интервју за КУРИР, министерот Спасов детално образложува за каква мерка станува збор.
–Како што вети премиерот пред само неколку дена веќе интервениравме со измени на неколку закони, односно на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, на Законот за вработување и Законот за здравствено осигурување, со коишто овозможуваме системска мерка која ќе се применува откако ќе бидат изгласани овие закони во Собранието. Мерка која треба значително треба да влијае на мобингот врз бремените жени, на злоупотребите на жените коишто одат на породилно отсуство, мерка која ќе ги стимулира приватните компании да вработуваат жени. Со оглед на искуството во минатото и тешко докажливите случаи на злоупотреби се одлучивме на една стимулативна мерка за приватниот сектор. Тоа е целосно ослободување од плаќање на социјални придонеси во период додека трае породилното отсуство на секоја работничка, доколку сака приватната компанија да ангажира лице коешто ќе ја заменува додека трае породилното отсуство. Ослободувањето изнесува 27% од просечната бруто плата во период додека трае породилното отсуство, со обврска за компанијата, за работодавачот потоа да ја врати работничката којашто го искористила породилното отсуство на работа. Доколку не ја врати работничката, се предвидуваат низа заштитни механизми, поголеми казни, дупло поголема казна од што било плаќањето на социјални придонеси за работодавачот. Исто така, се предвидува механизам за оваа мерка да можат да ја користат само компании кои не должат плати на своите вработени, не должат социјални придонеси, даноци повеќе од 2 месеци, со цел да ја искористат само успешните кои ги почитуваат законите, си ги плаќаат давачките навремено, а пред се ги плаќаат платите и придонесите. Со оваа мерка, како што кажав, очекуваме да се зголеми бројот на жени, особено на млади жени коишто ќе бидат вработени во наредниот период во приватниот сектор, да се стимулираат работодавачите да не ги злоупотребуваат, да не вршат мобинг врз нив, една стимулативна мерка која исто така ќе влијае на отворање на нови работни места во нашата држава.
Оваа мерка е надградба на проектот „Македонија вработува“, кој од месец за месец вродува со огромни резултати. Големиот владин проект ги надмина и очекуваните резултати.
-Резултатите се подобри од очекуваното. Проектот „Македонија вработува“ се реализира точно 4 месеци и вродува со значителни резултати. Над 5000 отворени работни места преку само овој проект во Република Македонија значат многу. Значат голема поддршка за над 5000 семејства коишто добиле во изминативе 4 месеци по уште еден вработен во своето семејство, којшто може да работи, да остварува плата и да ги исполнува своите животни потреби, а и овие 5000 семејства и веќе имаат поквалитетен живот, а со зголемувањето на платите во наредниот период ќе имаат уште поквалитетен живот. Секако, очекуваме и понатаму, бидејќи со почетокот на септември месец сопствениците на приватните компании, менаџерите се враќаат од летните одмори, очекуваме да се зголемува бројот на новоотворени работни места. Позитивно е да се истакне дека има успех во сите групи на проектот „Македонија вработува“. Најголем успех бележиме кај младите до 29 години и кај оние до 35 години, но има значителен успех и кај оние од 35 до 50 години или, пак, во бројки околу 1400 млади до 29 години, 1800 до 35 години. Исто така од 35 до 50 има 289 вработени и така натаму. Очекувам овој проект да продолжи да дава резултати. Го искористија досега 3337 приватни компании, што е исто така голема бројка. Некои се обидуваат да критикуваат дека нема поддршка за македонските компании. Токму овој проект е огромна поддршка за приватните компании. Разговараме со голем број сопственици на компании коишто имаат значителна заштеда за да отворат ново работно место. Ако ја земеме просечната плата како параметар на пресметка колкави се заштедите, од прилика околу 10.000 денари месечно се заштедува за секое отворено ново работно место или, пак, околу 2000 евра на годишно ниво. Ако се земе предвид дека ослободувањето на плаќање придонеси трае од 3 до 5 години, па и повеќе за највозрасните над 58 години, ослободувањето може да се движи од 6 па до 10 илјади евра за секое отворено работно место. Тоа е големо ослободување и голема помош токму за приватниот сектор и токму поради тоа овој проект дава резултати. Им помага на компаниите да го прошират својот делокруг на работа, да отворат нови работни места, тие да влијаат на понатамошен развој на компаниите, а развојот на компаниите понатаму да влијае на македонската економија, а со тоа и да се влијае на континуирано создавање на нови работни места. Позитивно е да се истакне и дека голем број од вработените се млади луѓе, проектите даваат резултати. Верувам дека и понатаму ќе продолжат значително да влијаат на намалување на невработеноста во Република Македонија, којашто е сега на историско најниско ниво заклучно со податоците од првиот квартал од оваа година. Очекуваме ДЗС да ги објави податоците за вториот квартал некаде кон средината на септември и очекуваме повторно да продолжи падот на невработеноста на нашата држава, уште поинтензивно во наредните месеци.
Овој проект не е само бројки на нововработени. Владата вложува и во обука на лицата кои ќе добијат вработување. Работодавачите сакаат квалификувана работна сила, а лицата во очекување на работа се подготвени да се обучат согласно нивните работни позиции.
-Изминатиот период инвестираме навистина многу во активните мерки и политики за вработување кои се надвор од проектот „Македонија вработува“ и коишто како Влада ги реализираме преку оперативниот план за активни мерки и политики за вработување, којшто се реализира секоја година од 2007 па наваму. Годишно за овие мерки инвестираме околу 10 милиони евра и овие мерки даваат значителни резултати. Поделени се на неколку видови, неколку категории. Значаен дел од самите мерки опфаќаат обуките. Во изминатиот период се трудиме максимум да направиме за невработените лица да добијат обуки на реалните работни места во капацитетите на приватните компании кај работодавачите, да се научат да работат на модерни, современи машини, опрема и технологии, да стекнат вештини коишто се побарувани на пазарот на труд. Досега повеќе од 22 компании се вклучија во ваквата соработка во смисла да сертифицираат и да регистрираат програма за обука на невработени лица. Формиравме неколку работни групи коишто интензивно прават комуникации со приватниот сектор со цел да го зголемиме бројот на регистрирани програми, бидејќи се бара соодветна процедура и овие мерки даваат резултат. Покрај обуките кај приватните работодавачи имаме и низа на други обуки за општи вештини, познавање на странски јазик, познавање на компјутери, за напредни ИТ вештини кај работодавачите. Мерката за практиканство, којашто е насочена за оние помладите коишто се на студии или само што го завршуваат своето образование да се стекнат со практична обука на работното место кај работодавачите и голем дел од оние невработени лица кои ќе се вклучат и ќе ги поминат обуките побрзо доаѓаат до работното место бидејќи приватниот сектор и работодавачите имаат потреба од обучени луѓе и кога ќе ги земат на обука имаат можност да се запознаат со овие лица, да видат кои се вредни, да видат кои сакаат да научат и оние коишто ќе се обучат веќе најчесто остануваат на работното место и се стекнуваат со свое вработување, а за сметка на тоа приватните компании можат да ги искористат и поволностите од проектот за којшто досега зборувавме, односно проектот „Македонија вработува“ и да не платат придонеси во одреден временски период за овие лица коишто ќе ги задржат на работа.
Отворањето на нови работни места е врвен приоритет на македонската Влада. Воедно, министрите остваруваат низа проекти наменети за младите. Овие две заложби беа споени во единствена цел- со сите сили да се помогне да се вработуваат младите лица.
-Во март 2014 година воведовме една значајна мерка која подоцна влијаеше да се развие и проектот „Македонија вработува“, односно ја воведовме мерката за стимулирање на компаниите да вработуваат млади луѓе до 29 години, со оглед на фактот што и невработеноста е највисока кај младите луѓе. Мерката којашто ја воведовме е системска и трае 2 години, односно до март 2016 година. Предвидува ослободување од плаќање придонеси од една година, исто така ослободување од плаќање на персонален данок. Тоа е ослободување од 37 % од просечната бруто плата во период од 12 месеци, со обврска за приватните компании да ги задржат младите луѓе на работа дополнителни 12 месеци. Од месец за месец оваа мерка почна да дава одлични резултати. Само до крајот на 2014 година се отворија над 5700 вработувања. Исто така, заклучно со денешниот ден се отворени преку оваа мерка 9500 работни места, односно 9500 млади луѓе само со помош на оваа мерка успеаја полесно и побрзо да стигнат до своето работно место и да се вработат, да создадат услови, да се осамостојат, редовно да остваруваат приходи и да имаат поквалитетен живот. Оваа мерка е дел од проектот „Македонија вработува“ и понатаму продолжува да вродува со резултати и да има значително учество во самиот број на отворени работни места во нашата држава, особено кај младите луѓе. Очекувам до март 2016 да создаде уште неколку илјади новоотворени работни места и со тоа да помогне во голема мера на младите во нашата држава, меѓутоа исто така оперативниот план на годишно ниво којшто го реализираме, односно во оние 10 милиони евра кои ги инвестираме за активни мерки и политики за вработување очекуваме опфатот на млади луѓе да биде над 20%. Нашата цел е да стигнеме до 30% од искористените мерки, обуки и програми да бидат млади луѓе. Со особен фокус работиме на создавање на значително повеќе можности за младите луѓе во Република Македонија.
Мерката за која говоревме, а со која жените ќе имаат поголема сигурност кога ќе отидат на породилно отсуство, но и вработените како нивна замена, не е единствена во оваа насока, водејќи се од грижата за идните мајки. Македонија е една од земјите лидери во траењето на породилно отсуство и исплаќање на 100 проценти од платата на мајките.
-Изминатиот период, односно изминатите неколку месеци го зголемивме породилното отсуство за мајките кои ќе родат две или повеќе деца одеднаш, односно близнаци, тројка, четворка или повеќе деца. До средината на оваа година беше 12 месеци платеното породилно отсуство, сега изнесува 15 месеци. Исто така, минатата година воведовме и неплатено родителско отсуство за мајките до три месеци со можност мајката да го искористи ова неплатено породилно отсуство до тригодишна возраст на детето. И понатаму продолжуваме со соодветни анализи со коишто ќе влијаеме на поттикнување на вработувањето на жените во приватните компании, меѓутоа и на поддршка на мајките во нашата држава. Секако, тука е и придонесот за трето дете, кој го остваруваат огромен број на родители, од година во година бројот на приматели на овој родителски надоместок од 8000 денари месечно се зголемува и со низа мерки влијаеме на поттикнување на наталитетот во нашата држава и позитивен демографски раст.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст