| четврток, 6 декември 2018 |

Со трансформација на работниот однос на просветните работници тие добија посигурна иднина и мотивираност

Неизвесноста и стравот за прекин на работниот однос сега се заменети со сигурност во работата и со решение на еден голем личен и семеен проблем.

Сега сме помотивирани во работата и со дополнителна енергија работиме во исполнување на нашите работни задачи. Вака вработените лица во образованието ја коментираат мерката за трансформација на работниот однос од определно во неопределено време што изминативе години како системско решение се изврши во образовните установи во целата држава.

уци2

Александра Батиќ е млада мајка на близначиња. Работи како социјален работник во Основното училиште „Лазо Ангеловски“ во општина Аеродром. Договорот на неопределено работно време за неа значи посигурна иднина.

-Како млада мајка и сопруга многу ми беше важно да имам еден обезбеден статус на редовно вработена личност на неопределено време сошто можам да ја осигурам својата иднина, иднината на семејството. Пред сè приоритетни ми се децата за да можам да им обезбедам посигурно утре и посигурна иднина. Многуте проекти на Владата вклучувајќи го и овој за трансформација на работниот однос за образовниот кадар, придонесоа за наставниците да работат  во една покомфорна, посовремена атмосфера – рече Батиќ.

уци3

Психологот Ива Стојановска – Јакимовски од СУГС „Васил Антевски-Дрен“ искажува големо задоволство од оваа владина мерка.

-Трансформацијата од определено на неопределено работно време, како и за мене, така и за секој човек вработен во образование значи еден поголем вид на сигурност, значи една мотивираност за подобра работа со учениците и воопшто на проекти во образованието. Мислам дека секој млад човек пред сè бара сигурност во своето работно место – истакнува таа.

уци4

Марина Нанева е одделенски наставник во „Лазо Ангеловски“. Предава на дечиња од второ одделение.

-Го нема повеќе она плашење, онаа стега „Што ќе биде после тие две или пет години“, „Дали јас ќе останам на тоа работно место или на моето место ќе влезе некој друг“. Значи секако дека таа сигурност приватно и за мене и за моето семејство многу значеше. Откако тоа веќе беше потпишано, се ослободивме од тие стеги, секако дека и мотивираноста во работата е многу поголема односно посветеноста , веќе се олабавуваш, се чувствуваш посигурна и се посветуваш целосно 100% на реализирањето на наставата и она што се бара од еден наставник. Кога го потпишав тој договор бев  пресреќна затоа што веќе после две години мене ми се овозможи задоволството како и на останатите што работат на неопределено време да имаме поголема сигурност од претходно, вели наставничката.

Спроведувањето на оваа мерка како начин на решавање на проблемите за голема група на вработени во образованието се реализираше во неколку наврати. Владата овој процес го започна со законските измени во 2009 година кога трансформација на работен однос од определено на неопределено време започна да се врши за лица кои работат најмалку 5 години на определено работно време, а истиот беше продолжен и во 2011 година кога трансформацијата започна да се врши и за лица со 2 години стаж на определено работно време а истото се продолжи и со Законот за трансформација на работен однос од оваа година.

Со овие законски измени што Владата ги креираше во соработка со СОНК, значеа решавање на проблемите на 7877 лица вработени во образованието, со што беа трансформирани решенија на определено кои за многу лица траеја и повеќе од пет години, шест години.

Решавањето на ова прашање значеше решавање на фамилијарната сигурност на овие семејства, зголемување на мотивираноста и посветеноста во работата за овие лица што директно е поврзано и со поквалитетно пренесување на знаењето на самите ученици.

Вработените во образованието се согласни дека и со оваа мерка, со континуираното зголемување на платите во образованието, но и со подобрувањето на условите за работа во училиштата, институциите покажуваат сериозен пристап во подобрувањето на состојбите во образованието.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top