| четврток, 6 декември 2018 |

Вељаноски се сретна со новоименуваната хрватска амбасадорка Баришиќ

trajko

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски денеска имаше протоколарна средба со новоименуваниот амбасадор на Република Хрватска во Република Македонија Данијела Баришиќ.

Двајцата соговорници, како што соопшти Кабинетот на Вељаноски, изразиле убедување дека досегашната успешна соработка и натаму ќе продолжи преку остварување нови заеднички проекти.

Вељаноски истакнал дека Република Македонија и Република Хрватска имаат одлична билатерална соработка и дека Собранието на Република Македонија и хрватскиот Сабор имаат плодна соработка на сите нивоа, со можност во иднина да се зголеми интензитетот на остварени средби, како на ниво на претседатели на парламенти, така и на ниво на пратенички групи за соработка и на парламентарни комисии.

Двајцата соговорници се согласиле дека е потребно да се интензивира економската соработка што, како што посочиле, претставува предизвик за амбасадорот во следните години на мандатот во Република Македонија.

На средбата станало збор и за моменталната политичка ситуација во Република Македонија, како и за тековната работа на Собранието.

Исто така, се разговарало и за предизвиците со кои се соочува нашата држава во однос на евроинтеграциите. Баришиќ истакнала дека Република Хрватска секогаш ја потенцира потребата за што поскоро приклучување на Република Македонија во Европската унија. Соговорниците се согласиле дека интеграцијата на земјите од Западен Балкан е од клучно значење за стабилноста и просперитетот на регионот и Европа во целина.

Вељаноски ја потенцирал отвореноста на Собранието на Република Македонија за соработка и континуирана комуникација со Амбасадата на Република Хрватска за сите прашања од заеднички интерес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top