| четврток, 6 декември 2018 |

„Дневник“: Со предлогот на Заев ќе настрадаат малите партии

zaev-pres-5-520x344

Дали ако Македонија е една изборна единица помалите партии ќе добијат поголема шанса да освојат пратеници? Дали ќе добиеме подемократски изборен модел во кој секој глас ќе биде еднаков со секој друг и ќе се ефектуира во пратеничко место? Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, вели да! Иако не беше на агендата во согласност со договореното од Пржино, меѓу него и другите тројца политички лидери – Никола Груевски на ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети на ДУИ и Мендух Тачи на ДПА – Заев од минатата недела се обидува како политички битно прашање да го вметне и изборниот модел. Со нов изборен модел и тоа пропорционален со една изборна единица, тој вели дека Македонија ќе станела демократска, пишува „Дневник“.

-Без разлика што тоа им носи одредена штета на СДСМ и на опозицијата, во име на демократијата и на демократизација на институциите даваме поддршка за моделот Македонија да биде една изборна единица – говореше Заев на една од своите последни средби со граѓаните.

Од неговата партија појаснуваат:

-Со моделот за една изборна единица рамноправно вреди гласот на сите граѓани, ја јакнеме парламентарната демократија и повеќе да не се случи воспоставување режим.

Но, дали тоа е навистина така?

Пресметки

-Не е јасно зошто се предлага овој модел и како ќе се зајакне парламентарната демократија, а особено како ќе се изедначи гласот на секој граѓанин. Имено во овој модел ќе треба да се воспостави цензус, односно праг, кој ќе мора да го исполни секоја партија, па и малите партии. Дури и да не се постави цензус, во Македонија има запишани 1.780.000 гласачи, од кои, во зависност од излезеноста, ќе треба да се сметаат мандатите за избор на пратеници во парламентот, така што помалите партии споредено со изборите во 2014 година ќе соберат одредена бројка гласачи која нема да биде доволна за влез на нивни претставници во Собранието – вели Александар Даштевски, поранешен член на Државната изборна комисија, пренесува Дневник.

Според официјалните податоци на ДИK, во последните три изборни циклуси (парламентарните избори во 2014 и 2011, локалните во 2013 година) излезеноста на изборите се движи околу 60 отсто или во апсолутни бројки околу 1,1 милион избирачи. Изборен праг за да се влезе во распределбата на пратеничките места во различни држави се движи од три до пет отсто. Според предлогот на СДСМ тоа би значело дека за една партија да влезе во Собранието, ќе биде потребно да освои изборен праг повеќе од 33 илјади гласа. Според сегашните резултати, тоа ни една од помалите партии нема да може да го достигне. Дури ни ГРОМ немаше да освои пратеничко место во Собранието иако имаше најмногу гласови од партиите што не се дел од водечката четворка. Оваа партија на последните избори во 2014 освои 2,82 отсто или 31.610 гласа (мерено на целата територија) и според сегашниот систем има освоено пратеничко место благодарение на тоа што постои поделба на изборни единици.

Мнозински модел

Дури и без изборен праг, за да влезат во Собранието, на помалите партии ќе им бидат потребни најмалку 11.000 гласа, што с` уште е повисоко од просекот на гласови според кој сега се добива пратеничко место (од 8 до 10 илјади гласа). Имено, според сегашните рејтинзи, ПЕИ, ДОМ, Демократскиот сојуз немаат поддршка над еден отсто, што претворено во гласови е помалку од 10.000. Тие сега имаат пратенички места благодарение на тоа што се на листите на поголемите партии.

Наспрoти предлогот за една изборна единица на СДСМ, Даштевски прави пресметка за втората варијанта, која ја предложи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, како противтеза на Заев.

– Ако се употреби мнозинскиот систем, со кој Македонија веќе има искуство, за разлика од моделот на една изборна единица, сите партии ќе можат да ги кандидираат најквалитетните поединци, кои ќе дадат и најдобар резултат. Ова се однесува и на помалите партии. Според мнозинскиот систем, на секој пратеник доаѓаат по околу 15.000 гласачи. Граѓаните ќе можат да гласаат за личност со најголем авторитет, за која сметаат дека најмногу ќе помогне за решавање на нивните проблеми. На тој начин, ако малите партии предложат квалитетна личност, имаат шанса да добијат место во парламентот и секој глас да биде изедначен – коментира Даштевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top