| четврток, 6 декември 2018 |

4.000 терористи ги искористиле бегалските маршрути

Британските медиуми уште на почетокот на годинава, повикувајќи се на сириски разузнавачки извори, предупредија дека претставувајќи се како бегалци илјадници припадници на ИСИС веќе се стационирале во голем број земји што се членки на ЕУ и во други држави

Поранешниот оперативец на сириската тајна служба „Ал-мухабарат ал-Амах“ или Општа служба за разузнавање, кој сега работи за потребите на воената команда на ИСИС, на свои западни колеги им пренел шокантни информации поврзани со успешно спроведениот план на Исламската држава да инфилтририра свои оперативци подготвени за терористички напади на европска територија. Според овој оперативец, повеќе од 4.000 припадници на ИСИС се веќе стационирани во Европа, од Лисабон до Варшава, од Берлин до Рим и од Атина до Хелсинки. Голем дел од нив немаат соодветен тренинг за извршување сложени терористички операции, но тие се подготвени за самоубиствени напади, а меѓу нив има и луѓе што во камповите на ИСИС пред заминување добиле знаење за ракување со експлозиви и за користење електронски направи за активирање запаливи материјали. Речиси сите се обучени за користење автоматско оружје, кое, според сите западни служби, за 500 до 2.000 евра може лесно да се купи на црниот пазар во Европа.

Инфилтрираните оперативци на ИСИС во Европа влегуваат како и стотиците илјади бегaлци од Сирија и од Ирак, најчесто преку Турција, Грција, Македонија, Србија и Унгарија како прва европска дестинација, или, пак, од земјите на МАГРЕБ, директно во Италија и во Грција. Популарна е и маршрутата од турските пристаништа до приморски градови во Грција и во Италија. Пред граничните власти во наведените земји тие даваат подготвени одговори, кои во согласност со конвенцијата за бегалци им овозможува да добијат хуманитарна заштита како и сите други вистински бегалци. Пред да тргнат на пат оперативците на ИСИС добиваат специјален тренинг во кој учат како да се однесуваат пред граничните служби на земјата во која влегуваат, кои изјави да ги даваат пред лицата што ги испрашуваат од Високиот комесаријат на Обединетите нации или Организацијата за миграции, па дури и како да го постават телото (таканаречениот говор на телото) за да бидат оценети како бегалци со право на хуманитарен третман. Со оглед на бројот на бегалците што го заплисна европскиот континент, малиот капацитет на западните разузнавачки служби темелно да ги проверат сите баратели на хуманитарна заштита и, пред сѐ, речиси никаквите информации од терен во Сирија и во Ирак, најголем дел од оперативците на ИСИС стигнуваат до посакуваните дестинации. Дали тие таму остануваат како „спијачи“, односно во очекување на наредба за акција, дали ги раскинуваат односите со ИСИС и се обидуваат да се интегрираат во земјата-домаќин или веднаш стануваат дел од радикални структури е помалку важна работа. Најважно е дека ниту една погранична земја на Европа, како Грција, Италија, Шпанија, нема капацитет да ги пронајде радикалите меѓу илјадниците бегалци што секој ден пристигнуваат на нивните граници.

Случајот со 30-годишниот командант на ИСИС, Лаит ал-Салех, кој минатата недела речиси случајно бил фотографиран како со група емигранти чека да се качи на ферибот на грчкиот остров Кос, е најдобриот аргумент дека паниката кај западните разузнавачки служби се базира на реалност. Откако медиумите го фотографирале Ал-Салех, било утврдено дека тој е еден од главните команданти на ИСИС што се бореле кај сирискиот град Алепо. Eвропските тајни служби се на штрек, но, според тоа што го објавија во февруари неколку британски медиуми, веќе е доцна за тоа. Илјадници екстремисти веќе се на терен и чекаа наредби за акција.

 

aktuelno155-2

 

Македонија оставена на цедило

Македонија е меѓу земјите што треба, но нема капацитет да ги провери сите емигранти, односно бегалци што минуваат низ нејзина територија. Иако официјално Скопје е во комуникација и координација со соседните земји, ЕУ и САД, засега нема потврда дека македонските власти добиле пристап до базите со податоци на осомничени терористи, кои ги имаат моќните држави. Во отсуство на системска поддршка од Запад, без македонски оперативци на терен во Сирија и во Ирак и поради непостоење администрација во местата од каде што доаѓаат најголемиот број бегалци, досега четири милиони луѓе, македонските гранични полицајци можат да ги користат само своето искуство, знаење и инстинкт, но не и технологијата и податоците што на високоразвиените земји им овозможува и до 75 проценти успешна обработка на податоците за извонредно кратко време. Практично, речиси е невозможно да роковите што ги предвидуваат нашите закони и со опремата и со информациите со кои располагаме да се утврди кој од бегалците е вистински маченик, кој поради војната го напуштил својот разурнат дом, а кој е на тајна мисија.

 

Поддршка на терен

Акцијата „Ќелија“, во која македонската полиција уапси десетина припадници и симпатизери на ИСИС во земјава, покажа дека припадниците на оваа милитантна организација имаат одлична логистика на својот пат кон крајната дестинација. За очекување е дека тие откако успешно во групите со вистинските бегалци ќе ја поминат државната граница не се мачат како нив, туку се преземани од страна на свои приврзаници, кои обезбедуваат превоз, храна, па дури и преминување преку илегални премини доколку се работи за некој припадник на ИСИС што би можел да се најде во сиромашните архиви на балканските земји.

 

Терористите не смеат да бидат причина за насилство над бегалците

И покрај очигледната опасност меѓу вистинските бегалци да има и радикални членови на ИСИС, македонските власти не смеат да ја промената својата засега умерена политика на однесување кон бегалците затоа што најголем дел од нив, навистина, бегаат од смрт и од разорување, нешто што во неколку наврати го доживеале и Македонците. За среќа, досега во земјава не се случија терористички активности како последица на групи поврзани со бегалците. Иако дел од убиените или уапсените во Куманово биле дел од радикални формации во Ирак и во Сирија, тие во земјава не влегле како бегалци туку како граѓани на Косово или други европски земји со што, за среќа, не се смени, генерално, позитивниот однос на јавноста кон бегалците. Доколку бегалците на кој било начин бидат поврзани со тероризам на македонска територија, тогаш повеќе од сигурно е дека ќе се соочат со дополнителен притисок на своето патување кон мирот и благосостојбата. Во таков случај, поради засилените мерки на полицијата и зголемениот антагонизам кај јавноста, тие би можеле да се соочат со напади, реваншизам и насилство од македонските граѓани и тоа неколкукратно поголем од криминалот и од кражбите со кои се соочуваат сега.

(Текст објавен во 155. број на неделникот Република, 21.08.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top