| четврток, 6 декември 2018 |

Хуманоста посилна од пропагандата

nenad mircevski2

Ненад Мирчевски

 

Ве молам, помогнете ни. Загубивме сѐ таму. Ако обезбедите мир веднаш се враќаме во Сирија и нема да доаѓаме во Европа.

Молбата на сирискиот бегалец упатена до министерот за надворешни работи на Австрија Себастијан Курц (како претставник на ЕУ) за време на посетата на македонско-грчката граница на едноставен и искрен начин ја открива вистинската причина за бегалското цунами што ја зафати Европа и во исто време го покажува единственото функционално решение за решавање на овој сериозен проблем со кој се соочува стариот континент. За жал, пораката на тој несреќен човек нема да има можност пошироко да допре до европската јавност преку западните медиуми, ниту, пак, да биде пренесена од опозициските медиуми финансирани од Сорос и од други центри на моќ, чијшто интерес ни од далеку не е да се претстави реалната страна на проблемот.

voved156-2

Минатонеделните настани на македонско-грчката граница отворено ја покажаа намерата на дел од меѓународната заедница, западните медиуми и на Соросовите перјаници преку лицемерна пропаганда да се обидат да пренесат искривената слика за случувањата префрлувајќи ја вината врз граѓаните, полицијата и македонските власти.

Можеби во првиот миг успеаја во намерата искористувајќи го веќе провереното сценарио со лиферување лажни информации поткрепени со тенденциозно селектирани фотографии, но ситуацијата доби поинаков тек откако домашната и светска јавност дознаа зошто беше неопходно привременото запирање на бегалскиот бран и кој сѐ е виновен за тоа. Антидржавната кампања целосно крахираше неколку дена потоа кога повеќе високи државници на западноевропски земји сосема отворено признаа дека случувањата во Гевгелија се бламажа за Европа и дека е неопходна итна помош за Македонија. Вицепремиерот на Германија посочи со прст кон мнозинството членки на ЕУ порачувајќи им дека треба да се срамат што мислат дека кризата не се однесува на нив. Австрискиот шеф на дипломатијата призна дека е неприфатливо бегалци да влегуваат во Македонија од земја-членка на ЕУ и го повика Брисел итно да помогне. Слична порака испрати и францускиот министер за надворешни работи, кој гласно кажа дека ова не е проблем на Македонија и дека кризата во државата мора да се реши без одложување!

voved156-3

За жал, и овој пат медиумите на Сорос останаа неми во пренесувањето на вистината и за нив не постојат правила на игра и општествена одговорност, а немаат ниту минимум морални вредности, кои ќе ги натераат да се извинат или да се поправат кога ќе бидат фатени во лага. Така, на пример, додека полицијата ги штитеше границата, имотите на граѓаните и суверенитетот на државата, Соросовите платеници ширеа шпекулации (кои потоа се покажаа како невистините) за наводна прекумерна употреба на сила од силите за безбедност, за фрлен солзавец врз бегалците, за ранет полицаец со нож, за спонтани абортуси на дваесет емигрантки предизвикани од малтретирањата на македонската полиција… Со оглед на фактот дека немаше никакво извинување за погрешно пренесените информации, се остава серозен сомнеж дека не станува збор за ненамерни или делумно неточни информации предизвикани од потребата за брзо известување, туку за намерни дезинформации со цел да ѝ се наштети на државата.

Додека ја манипулираа јавноста со измислени случувања, никој од нив не се ни потруди да побара одговор барем на двете најважни прашања: зошто македонските власти го сопреа големиот бран бегалци на границата со Грција и каква е намерата на ЕУ со овие напатени луѓе?

voved156-4

Ниту тогаш ниту во иднина во опозициските медиуми нема да прочитаме дека сегашниот прилив на емигранти претставува голем проблем и за многу поголеми земји од Македонија. Но, затоа без никаква совест населението што е пријателски настроено кон емигрантите и им помага (или индивидуално или во некоја организирана форма) свесно се претставува како нехумано граѓанство, кое дури и се изживува со измачените бегалци. Точно е дека расположението кај граѓаните се менува, пред сѐ, поради долготрајноста на состојбата. Но, пред да се обвинат македонските граѓани мора да се има предвид дека низ транзитната маршрута секојдневно поминуваат илјадници луѓе, кои на својот пат уништуваат јавни и приватни површини,паркови, ниви… Емигрантите влегуваат и по дворовите на луѓето, кои почнуваат да чувствуваат дека им е загрозена безбедноста, но и здравјето. Сосема е нормална реакцијата на луѓето да бидат револтирани од предизвиканите штети на приватните имоти, како и од узурпацијата и од загадувањето на јавните површини. Истите тие медиуми финансирани од Сорос и од други центри на моќ, не објаснија дека на сите тие бегалци им беше овозможен транзит од македонските власти во истиот момент кога беше обезбеден проток низ транзитната маршрута (која, всушност, беше сопрена од Унгарија – држава-членка на ЕУ). Затоа, пак, преку нивните портали светот беше информиран дека Македонија ја запечатува границата, иако во повеќе наврати од властите беше нагласено дека со преземените мерки се ограничува бројот на емигранти во согласност со капацитетите на државата за овозможување помош. Со други зборови, дека ќе се примаат толку луѓе на колку што може да им помогнеме.

voved156-5

И во ваква ситуација, додека нивните манипулации и шпекулации ги поткрепуваа со одредени критики од меѓународни претставници, но и од некои странски медиуми (кои, се разбира, информираа водејќи се од своите национални интереси), ниту еден од овие опозициски мегафони не само што не почувствува потреба јавно да ја критикува меѓународната заедница, туку не се осмелија ниту да прашаат што, всушност, сака Европа да постигне со емигрантите? Каков пристап разработува ЕУ – да се сопрат или да се примат овие луѓе?

Ако решиле да ги примат на своја територија, во ред. Но, зошто тогаш три од шест земји од ЕУ на Балканот имаат огради на границите? Или зошто кога веќе влегле  во ЕУ, Грција не им организира хуман транспорт низ истата таа ЕУ? По воздух, по море или по копно – изборот е голем.

Можеби намерата на ЕУ е да ги спречи илегалните маршрути и влезот на емигрантите во ЕУ? Ќе ја прифатиме и таа теза. Но, зошто тогаш со европски пари им се помага на емигрантите побрзо да транзитираат од грчките острови до нашата граница? И како ЕУ ги спречува илегалните маршрути кога никаде нема грчки полицајци близу до граничната линија со Македонија?

Последното и најважно прашање е дали пред налетот на новиот бран, додека Соросовите медиуми водат антимакедонска пропаганда, ЕУ молчешкум го подготвува Балканот за неговата историската улога, да биде тампон-зона меѓу Европа и Истокот?

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top