| четврток, 6 декември 2018 |

Иван Тричковски се враќа во репрезентацијата на Македонија

По направениот трансфер од Ал Наср во Легија Варшава, повремениот репрезентативец на Македонија, Иван Тричковски ги надмина сите проблеми кои ги имаше со поранешниот клуб околу играњето во дресот со националиот грб.
Тој е повторно во Европа и нема да има никаква пречка повторно да се вклучи во националниот состав откако привремено ги „замрзна“ настапите за А-селекцијата на Македонија.
Менаџерот на на сениорската репрезентација на Македонија, Саша Ќириќ во разговор за спортскиот портал Екипа ја потврдува информација дека Тричковски може да биде дополнително вметнат во составот за квалификациските натпревари со Луксембург и Шпанија откако стана јасно дека Јован Костовски поради потешка повреда ќе отсуствува од терените најмалку еден месец и нема да биде во можност да се стави на располагање на селекторот Друловиќ.

– Има обострана желба Иван Тричковски повторно да биде дел од репрезентацијата на Македонија. Како што знаеме, тој имаше проблеми додека беше член на Ал Наср, но сега сето тоа е надминато и веќе имав разговори со него во кои истакна дека сака повторно да биде дел од националниот тим – вели за ЕКИПА, Саша Ќириќ.

– За повикување на нов играч одлука ќе донесе селекторот. Можно е да биде и Тричковски, иако знам дека ќе треба да добие дозвола од тренерот на Легија Варшава, со оглед дека по приклучувањето во клубот работи под посебна програма за подобрување на физичката подготовка – дополнува Ќириќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top