| четврток, 6 декември 2018 |

Мешани патроли на АРМ и МВР на границата со Грција, се пропуштаат само ранливи категории мигранти

Migrants wait permission to cross in Macedonia on their way for the western Europe countriesПолицијата и војската се распоредени долж границата со Грција и спречуваат влез на неколкуте илјади мигранти кои од Грција се обидуваат да влезат на македонска територија.

Состојбата повремено е напната поради обидите на некои од мигрантите да го пробијат безбедносниот кордон. За да се справи со ситуацијата полицијата употреби шок бомби.

– Ова е легитимна мерка на државата за одбрана на својата државна граница согласно со донесените мерки и препораки, вели портпаролот на МВР Иво Котевски.

Тој ги демантира информациите објавени од некои медиуми дека полицаец бил повреден со нож од мигрант. 

Во меѓувреме, припадници на АРМ продолжуваат да се распоредуваат по должината на јужната граница со своја опрема и техника.

– Врз основа на одлуката на Претседателот на Република Македонија, ГШ на АРМ изврши проценка и началникот на ГШ донесе наредба за ангажирање на Армијата на РМ на јужната граница со Република Грција. Ангажирани се персонал и средства во зависност од потребите и побарувањата од МВР, има од повеќе специјалности да може да извршуваат задачи без никакви проблеми. Има и логистички дел итн. Во моментов веќе Армијата на РМ е распоредена во рамките на она што е искоординирано со граничната полиција, односно се вршат заеднички патроли на граничната линија, се извршуваат задачи во согласност со она што е побарано од АРМ за подобрување на состојбата на јужната граница, изјави соопштува портпаролот на ГШ на АРМ, полковник Мирче Ѓорѓовски.

Силите на АРМ имаат поставено жица на одредени пунктови кои ги смета за критични точки и се распореди долж граничната линија со Грција во деловите каде што влегуваат мигрантите.

Според информациите од терен, денеска се дозволува влез на лимитиран број на илегални мигранти од поранливите категории кои може да бидат згрижени и соодветно третирани согласно капацитетите на државата.

Првата група од околу 200 мигранти составена претежно од жени, мали деца и постари лица, беше пропуштена околу 15 часот и 30 минути и во придружба на полицијата и полициски сили беше пропратена до железничката станица во Гевгелија од каде со вонреден воз во 16 часот тргна кон Табановце.

Претставниците на АРМ им рекоа на бегалците дека вакво периодично пропуштање за влез во Македонија ќе има и понатаму, но тоа ќе се случува по нивна одлука. Влез во земјата на следната група мигранти претставниците на АРМ ја најавија за некаде после 19 часот.

Инаку, мигрантите ја прифатија ваквата одлука која внесе мир во нивните редови.

Во последните 24 часа, како што информира МВР, неколкукратно е помал и бројот на издадени потврди за мигрантите за разлика од претходните денови кога дневно се издавале потврди на повеќе од 1300 странски државјани.

Од 8 часот вчера до 8 часот утринава издадени се потврди на 181 странски државјани, од кои 145 се од машки пол, 17 жени, девет деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 10 деца кои патуваат без родител. Најбројни се државјаните на Сирија (148), Бангладеж (21), Пакистан (8), а другите се во помал број.

Во меѓувреме, продолжуваат да пристигнуваат мигранти во меѓуграничниот појас. Грчките погранични власти засега не перземаат ништо за да ги спречат, а според изјави на мигранти, тие биле и организирано транспортирани со автобуси од Солун до границата со Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top