По првиот натпревар од бараж-дуелите за пласман во групната фаза од Лига на Европа меѓу Работнички и Рубин Казан, тренерот на гостите Ринат Билјалетдинов на прес-конференцијата се сомнева во фавотската улога на својот тим.
Откако ја виде силата на Работнички на арената „Филип Втори“ и тоа без четворица првотимци, тој се обидува да го тргне ептитот фаворит пред неговиот тим.
– Мислам дека фаворитската улога на Рубин пред овие два меча е преувеличена. Работнички е навистина моќен тим за кого, очигледно, малку слушнале во Европа, но кога ќе дојдете да играте против него гледате со што имате работа. Затоа нема да го коментирам премногу ремито, затоа што има уште еден меч и во него се уште ништо не се знае – рече Билјалетдинов, кој повеќе е загрижен за повредата на Чокдениз Карадениз.
Најдобриот играч на рускиот состав Карадениз кој воедно беше и стрелец на единствениот гол за Рубин Казан се повреди веднаш по постигнувањето на погодокот и мораше да биде заменет.
– Ме загрижува повредата на Карадениз. Има потрес на мозокот и состојбата е навистина сериозна. Се надевам дека ќе биде добро. Како и да е, може да кажам дека наредниве денови ќе работиме повеќе па на реваншот ќе мора да бидеме подобри – истакна тренерот на рускиот состав.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.