| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов нареди ангажирање на АРМ на јужната и на северната гранична линија

Den arm 2015 (3) (Custom)Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска донесе одлука за ангажирање на македонската Армија како поддршка на полицијата во справувањето со проблемите од напливот на мигранти.
– Денеска донесов одлука за ангажирање на АРМ во поддршка на полицијата за справувањето со предизвиканите проблеми што ги имаме со илегалните миграција во Република Македонија. Станува збор за ангажирање на АРМ да ја обезбеди јужната и северната граница но и коридорот 10, односно влезот, транзитот и излезот на илегалната миграција во Република Македонија, изјави денеска Иванов.
Тој појасни дека АРМ ќе биде ангажирана за сите оние предизвици кои, како што рече, постојат кај локалното население, но и за достоинствено пријавување на сите оние кои имаат намера да побараат азил во нашата земја.
– Како и многупати досега АРМ оваа обврска ќе ја изврши професионално и одговорно.Се надевам дека населението ќе има многу повеќе бенефит од сево ова, и дека ќе се врати сигурноста и сите реакции кои досега се пројавени, ќе бидат надминати. Не станува збор за локален или регионален проблем, станува збор за многу поширок проблем кој се зафатени многу земји и региони па и целиот континент.  Затоа ги следиме сите активности на другите земји, и сето она што тие го превземаат ќе го превземаме и ние, рече македонскиот претседател.
Додаде дека кога станува збор за националната безбедност на земјата, тогаш мора да се преземат сите мерки и активности за да се превенираат и спречат какви било несакани дејства.
– Се надевам дека овој период, кој е прогласен за кризен, ќе успееме да ги совладаме сите предизвици кои стојат пред нас, и ќе дадеме придонес за справуање со овој предизвик за цела Европа, потенцира претседателот Иванов.
Одговарајќи на новинарско прашање дали очекува Европската унија да преземе нешто претседателот Иванов истакна дека има одредени најави но оти досега преземените активности не соодветствуваат со настаните и случувањата.
– ЕУ си има свој комесар кој е задолжен за овие прашања, тој е вклучен, меѓутоа досега превземените активности не соодветсвуваат со настаните што ги имаме, истакна македонскиот претседател.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top