Владата на Република Македонија на вчерашната седница донесе одлука за прогласување кризна состојба во регионот на јужната и северната државна граница поради зголемениот наплив на мигранти, со што во согласност со правните прописи се отвора можност за соодветен ангажман и на АРМ, информира денеска на прес-конференција портпаролот на МВР Иво Котевски.
Тој посочи дека меѓуинституционалното координативно тело секојдневно ја следи состојбата со илегалните емигранти, кои имаат намера да влезат на територијата на Република Македонија од соседна Грција и изработува соодветни анализи за одговор при сите евентуални сценарија.
Појасни дека заради зголемениот притисок на јужната граница и сè поголемиот интензитет на транзит преку т.н. балкански мигрантски коридор, но и состојбата во глобални рамки, беше проценето дека е неопходна дополнителна зголемена и поефикасна контрола на граничниот појас каде што се регистрирани масовни илегални преминувања од грчка страна.
– Ангажманот на Армијата очекуваме да даде резултат во две насоки. Прво, да се зголеми безбедноста и спокојството на локалното население и второ, да се обезбеди посеопфатен пристап во третманот на лицата кои изразиле намера да бараат азил во Република Македонија согласно капацитетите и препораките на конвенциите чиишто потписник е токму Република Македонија и кои се трудиме доследно да ги почитуваме – рече Котевски.
Нагласи дека за постапување по одлуката на Владата ќе биде формиран главен штаб при Центарот за управување со кризи кој треба да го изготви акцискиот план и да ги реализира предвидените активности.
Фото: Ѓорѓи Личовски (Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Мигранти зеле дрва за огрев од затворено кафуле во Грција и оставиле 10 евра
-
Мексико ќе ги депортира мигрантите кои насилно се обиделе да влезат во САД
-
Мигрантите го пробија кордонот во БиХ и се упатија кон хрватската граница (видео)
-
Војници на АРМ стрелале во воздух на границата со Грција за да спречат нелегално минување на мигранти