Социјалната мрежа има интерес корисниците да ја споделат јавно целата своја содржина, а тоа ги вклучува и стандардните поставувања. За среќа, постои можност тоа да се промени преку многу детални поставувања што ќе ви ги откриеме, пишува „Нова Македонија“
ДЕФИНИРАЈТЕ ШТО ДА ГЛЕДААТ ВАШИТЕ ПРИЈАТЕЛИ
Во менито „Privacy“ (Settings – Privacy) можете да ги разгледате детално поставките за споделување податоци, поделени во три главни категории: „Кој може да ги гледа моите објави“, „Кој може да се поврзе со мене“ и „Кој може да ме побара“. За секој таб има посебни поставувања, но најважен е првиот: „Кој може да ги гледа вашите идни постови“. Тука може да се избере видливоста на објавената содржина. Можностите се јавни постови само за пријатели и детално одредување преку создавање листи. Забележувате дека тука се користи зборот „иднина“ – поставките не се однесуваат на веќе објавени нешта.
Од овој панел можете да изберете и каква информација за контакт со вас се покажува во зависност од профилот што ве гледа. Социјалната мрежа има додадено различни видови што ги систематизираат профилите по знак на запознавање. Можете да изберете и кој може да ви праќа покани за пријателство, како да се филтрираат пораките и да ги контролирате постовите објавени на вашиот ѕид. Важно поставување е вклучувањето или исклучувањето на можноста на пребарувачите да посочуваат линкови до постови објавени во вашиот профил.
Пристапот до овие поставки е можен и преку мобилна апликација од менито More – Account Settings – Privacy Shortcuts.
КОРИСТЕТЕ ЛИСТИ СО ПРИЈАТЕЛИ
Списоците со пријатели се одличен начин за организирање и контрола на профилите што сте ги додале, како и на нивните можности да ги прегледуваат вашите информации. Можете да ги групирате луѓето по различен принцип. Карактеристично е дека списоците не можат да бидат создадени од мобилна апликација – потребно е да користите десктоп онлајн-верзија на Фејсбук. Пристапот до оваа функција е во менито „Пријатели“, каде што ќе ги најдете листите што се создаваат по дифолт: „Блиски пријатели“, „Семејство“ и „Познати“. Од овој прозорец можете да креирате и нови листи.
УПРАВУВАЈТЕ СО ПОДАТОЦИТЕ ЗА НАДВОРЕШНИ АПЛИКАЦИИ
Следниот чекор е да ги ограничите податоците што ги испраќа социјалната мрежа кон надворешни апликации, услуги, огласувачи и оптимизација. Во менито Settings – Apps може да проверите која апликација или услуга е овластена да ги извлекува вашите податоци. Во мобилна апликација ова мени е сместено во More – Settings. На дното на страницата ќе ги видите и поставките за реклами (Ads) и апликации (Apps).
Имате можност да ја исклучите можноста за споделување информации и користење на Фејсбук како платформа за поврзување со други веб-страници и системи. Ова може да се направи од мобилната апликација ако одберете „Edit“ кај „Apps, Websites, and Plug-ins“. Имајте на ум дека преку оваа акција се запира и интеракцијата со другите веб-страници.
Од менито „Ads“ (реклами) можете да ја исклучите функцијата, која им овозможува на огласувачите да ги користат вашиот профил и вашите фотографии при реклами.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.