Финалистот од минатата сезона на „Икс-фактор“ Урош Туркулов доживеал тешка сообраќајна несреќа во Црна Гора.
Пејачот од Штип се здобил со тешки телесни повреди, а во несреќата починаа две лица.
Кобната сообраќајка се случила ноќта меѓу 8 и 9 август на магистралниот пат Колашин – Мојковац во местото Требаљево во Црна Гора, кога возило „сузуки“ влегло во спротивната насока и дошло до директен судар со возилото на Урош, кое застанало пред судирот.
Урош во тој момент спиел на задното седиште.
Урош за „Штип.мк“ изјави дека покрај големите болки во моментот се наоѓа во добра здравствена состојба и, според сите проверки и наоди, добро заздравува.
-Сега сум добро имам неколку скршени прешлени, повреди на носот и на градите, но, сепак, по деталниот преглед и брзата интервенција сум во добра состојба и добро заздравувам – рекол Урош.
Најверојатно возачот на „сузукито“ заспал при што возилото загубило контрола. Од несреќата едно лице починало на самото место, додека подоцна починал уште еден патник од возилото „сузуки“.
Урош по закрепнувањето се огласи на социјалните мрежи со пораката: „Му благодарам на Господ што останав жив и подвижен. Ова беа едни од најтешките денови за мене!“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.